На 13 март годинава обвинетиот во Свети Николе директно побарал поткуп во износ од 100 000 евра за одобрениот увоз и за идните увози на вештачко ѓубриво, при што побарал износот да биде исплатен во три рати
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) поднесе обвинение против директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Васе Анакиев, кој пред неколку месеци беше приведен поради сомнение за примање поткуп. Според обвинението, тој во март годинава директно побарал и примил значителна имотна корист за себе за да изврши службено дејствие што не би смеел да го изврши.

„Обвинетиот вршел притисок да не се одобри увоз на вештачко ѓубриво на правно лице кое се занимавало со негово производство и увоз, иако истото и претходно повеќепати увезувало ваков вид стока. Притоа влијаел врз службено лице – фитосанитарен инспектор на граничен премин, да не го одобри влезот на стоката во државата, поради што таа неколку дена била задржана на граничниот премин“,
соопштија од Обвинителството.
На 13 март годинава, додаваат од ОЈО ГОКК, обвинетиот во Свети Николе директно побарал поткуп во износ од 100 000 евра за одобрениот увоз и за идните увози на вештачко ѓубриво, при што побарал износот да биде исплатен во три рати. Неколку дена подоцна, на 19 март, откако пријавителот преку сведок му ја предал првата рата од 50 000 евра, обвинетиот бил приведен при преземањето на парите.
Со обвинението е поднесен и посебен предлог за продолжување на мерката притвор против Анакиев.
