По реакциите од Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри (ЗМСТАС), од каде што порачаа дека евентуално ангажирање на учениците од средните медицински училишта во ковид-центрите може да биде ризично, министерот за здравство Венко Филипче вели дека сѐ уште се разгледува идејата и дека одлука ќе се носи со заеднички договор.
Филипче вели дека опција е наместо во ковид-центрите медицинските сестри од четврта година да бидат ангажирани да помагаат на други оддели.
„Вчера стигнаа реакциите и разговаравме уште неколкупати и со дел од родителите и со директорката на средното медицинско училиште. Една од опциите е да се вклучат и да се поддржи работата на другите одделенија каде што не се третираат ковид-пациенти, за оние поискусни медицински сестри да можат да работат со ковид-пациенти. Во наредните денови ќе биде донесена одлука која секако нема да биде наметната, туку донесена со договор“,
рече Филипче на денешната прес-конференција.
Од ЗМСТАС, во својата реакција, посочија дека ангажирањето на учениците би ја отежнало работата затоа што некој треба да ги учи и да ја надгледува нивната работа и дека тоа би донело ризик од ширење на вирусот.