Утринава министерот за внатрешни работи Сулејман Сојлу изјави, според извештајот на државната телевизија ТРТ, дека полицијата го уапсила лицето кое ја поставило бомбата
Турската полиција уапси едно лице осомничено дека поставило бомба која вчера експлодираше во пешачка зона во центарот на Истанбул, при што загинаа најмалку шест, а беа повредени десетици луѓе.
Бомбата експлодираше во неделата околу 16:20 часот по локално време на авенијата Истиклал, улица со многубројни кафулиња, ресторани, кина и продавници.
Според моментално достапните податоци, најмалку шест лица загинале во експлозијата, а повредени се 81 лице, од кои двајца потешко.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го осуди „кукавичкиот напад“.
„Првите информации упатуваат на заклучок дека се работи за тероризам“,
рече Ердоган.
Се уште никој не ја презел одговорноста за нападот.
Утринава министерот за внатрешни работи Сулејман Сојлу изјави, според извештајот на државната телевизија ТРТ, дека полицијата го уапсила лицето кое ја поставило бомбата.
Осомничено е лице поврзано со забранетата Курдска работничка партија (ПКК), а министерот Сојлу се закани со одмазда, јави ТРТ.
Во ЕУ и во САД, ПКК има статус на терористичка организација, забележува агенцијата ДПА.
Авенијата Истиклал исто така беше цел на терористички напад во 2016 година, кога бомбаш самоубиец уби четири лица, а рани 39. Турската влада тогаш објави дека напаѓачот е поврзан со групата Исламска држава, но не ја презеде одговорноста, посочува ДПА.
*Поврзани вести:
- (ФОТО+ВИДЕО) Најмалку шест загинати и над 50 повредени во експлозијата во Истанбул
- Пендаровски на македонски и турски јазик изрази сочувство по експлозијата во Истанбул
- Ковачевски: Сочувство до братскиот турски народ
- Досега наши државјани не побарале помош во Истанбул, МНР објави броеви за контакт
- Ердоган се сомнева на тероризам: Бидете сигурни дека одговорните ќе бидат казнети