Критичарите посочуваат дека со ова Турција отстапува од документот кој е клучен во борбата против растечкото семејно насилство во земјата, како и дека ова значи дополнително оддалечување на Турција од ЕУ и европските вредности. Советот на Европа, пак, ова го нарече „поразителна вест“
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган потпиша одлука со која ја повлече Турција од Конвенција на Совет на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и семејното насилство позната како Истанбулската конвенција.
Официјална Анкара и покрај повиците на активистите да не се направи овој чекор, излезе од мултилатералниот меѓународен договор, а образложението на властите е дека правата на жените се секако заштитени.
„Правата на жените се загарантирани со нашите закони, особено со Уставот. Нашиот судски систем е доволно динамичен и силен за да спроведе нови законски мерки кога е потребно“,
рече министерката за семејство, труд и социјална политика, Зехра Зумрут.
Критичарите, пак, посочуваат дека со ова Турција отстапува од документот кој е клучен во борбата против растечкото семејно насилство во земјата, како и дека ова значи дополнително оддалечување на Турција од ЕУ и европските вредности.
Со реакција излегоа и од Советот на Европа нарекувајќи го ова „поразителна вест“.
„Овој потег е огромно враќање и уште повеќе е за жалење затоа што ја загрозува заштитата на жените во Турција, низ Европа и пошироко“,
вели генералната секретарка на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ-Буриќ.
Истанбулската конвенција беше потпишана во 2011 во Истанбул и се смета како „златен стандард“ во меѓународните напори за заштита на жените и девојчињата од насилство и претставува регионален правен инструмент за сеопфатна заштита на правата на жените.