Според Обвинителството и МВР, осомничениот на раководителот на смена на граничниот премин му понудил 100 евра кои биле ставени во пасошот
Скопското Основно јавно обвинителство донело наредба за спроведување истражна постапка против 53-годишен турски државјанин кој е осомничен дека се обидел да поткупи полицаец на Граничниот премин „Долно Блаце“.

Кривичното дело давање поткуп, според член 358 од Кривичниот законик (КЗ), странскиот државјанин, како што соопштија од Обвинителството и од Министерството за внатрешни работи, го сторил вчера при обид за влез во државата, по што бил веднаш приведен.
Имено, осомничениот К.С. рано утрото околу 3 часот се пријавил за влез во земјава на граничниот премин со Косово, но по извршената пасошка контрола било утврдено дека тој веќе го искористил дозволениот туристички престој од 90 дена во последните 180 дена поради што бил вратен назад.
Половина час подоцна тој се вратил и на раководителот на смена му понудил 100 евра за да му дозволи да влезе во С Македонија.
„На раководителот на смена му ја дал патната исправа и во неа банкнота од 100 евра, со барање да му се дозволи влез во РСМ. К.С. веднаш е лишен од слобода поради кривично дело давање поткуп“,
се вели во соопштението од МВР.
Надлежен јавен обвинител до судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог на осомничениот да му биде одредена мерка притвор бидејќи станува збор за странски државјанин кој нема регулиран престој во земјава и постои реална опасност од бегство.
