Повикот за средба на турската амбасадорка во Бугарија во МНР следува откако синоќа бугарски граничен полицаец беше убиен на границата со Турција
Турската амбасадорка во Софија, Ајлин Секизкок, денеска ќе биде повикана на разговор во Министерството за надворешни работи на Бугарија, најави шефот на бугарската дипломатија Николај Милков, откако синоќа бугарски граничен полицаец беше убиен на границата со Турција.
Милков соопшти дека ќе се бара соработка од турската страна за случајот и ќе се пренесе загриженоста на Бугарија за тоа што се случи. Доколку има потреба, Милков додаде дека Софија ќе ѝ понуди на Анкара заеднички активности во случајот.
Припадник на бугарската гранична полиција бил застрелан во заедничка полициско-воена патрола на границата меѓу Бугарија и Турција, во атарот на селото Голем Дервент. Несреќата се случила синоќа околу 20:35 часот, при што граничниот полицаец починал на лице место, а војникот се повлекол и не е повреден.
На местото на несреќата на бугарско-турската граница, освен министерот за внатрешни работи на Бугарија Иван Демерџиев, пристигна и министерот за одбрана Димитар Стојанов. Демерџиев, прецизираше дека застреланиот граничен полицаец вперил батериска ламба кон пукнатина во оградата за да погледне, а потоа, со истрел од турска територија, бил погоден во главата.
Демерџиев посочи дека воениот дел од патролата не се повлекол, додавајќи дека се засолниле зад џипот и возвратиле на огнот. Според нив, кон бугарската патрола биле испукани 10-15 истрели.
Во меѓувреме, Обвинителство на Бугарија побара правна помош за увид и спроведување на распит на подрачјето на инцидентот, а бугарската социјалистичка партија побара министерот за внатрешни работи Иван Демерџиев да биде повикан во Народното собрание и да даде одговори за инцидентот и како дошло до него.