Бугарските и турските гранични власти веднаш оствариле средба во Контакт центарот до „Капетан Андреево“, која имала за цел да се открие и приведе сторителот
Припадник на бугарската гранична полиција е застрелан во заедничка полициско-воена патрола на границата меѓу Бугарија и Турција, во атарот на селото Голем Дервент. Несреќата се случила синоќа околу 20:35 часот. Граничниот полицаец починал на лице место, а војникот се повлекол и не е повреден.
На подрачјето на инцидентот веднаш биле испратени дополнителни патроли, но во близина не биле пронајдени илегални мигранти.
По инцидентот бил одржан состанок со турските гранични власти бидејќи се претпоставува дека сторителот бил на територијата на Турција.
Бугарските и турските гранични власти веднаш оствариле средба во Контакт центарот до „Капетан Андреево“, која имала за цел да се открие и приведе сторителот.
Последниве месеци во Голем Дервент се забележани зголемен број мигранти, поради што во целата област се засилени патролите.
На местото на несреќата веднаш заминал техничкиот вицепремиер и министер за внатрешни работи на Бугарија Иван Дерменџиев.
Инаку, состојбата во пограничното село Голем Дервент е релативно мирна по инцидентот, со полициско присуство и засилено движење на автомобили на граничната полиција.