За случајот на директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски, што се однесува на оспорената факултетска диплома, според ДКСК, надлежна институција што ги утврдува фактите е Државниот просветен инспекторат (ДПИ), а врз основа на записникот од спроведениот инспекциски надзор на ДПИ е донесена одлуката на ДКСК
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) при носењето на одлуките постапува исклучиво во рамките на нејзините законски надлежности, информираат денеска оттаму, посочувајќи дека при разгледување на секој предмет ги утврдуваат фактите преку информации што ги прибавуваат од другите надлежни институции.

За случајот на директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски, што се однесува на оспорената факултетска диплома, според ДКСК, надлежна институција што ги утврдува фактите е Државниот просветен инспекторат (ДПИ).
„Врз основа на записникот од спроведениот инспекциски надзор на ДПИ е донесена одлуката на ДКСК“,
стои во соопштението од Комисијата.
Оттаму велат и дека Комисијата нема надлежност да презема истражни дејствија во однос на веродостојноста на сертификатот за познавање на странски јазик, односно дека тоа прашање е во надлежност на истражните органи.
За Цвета Ристовска, членката на Антикорупциската комисија, оттаму сметаат дека не постои никаков судир на интерес, бидејќи таа нема никаква поврзаност со Универзитетот за туризам и менаџмент „Скопје“.
„Нејзината соработка со Универзитетот за туризам и менаџмент ‘Скопје’ била на ниво на гостин предавач и никогаш за финансиски надомест или друг тип договорна соработка. Оттаму, сметаме дека не постои никаков судир на интерес, бидејќи таа нема никаква поврзаност со наведениот Универзитет“,
велат од Антикорупциска.
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз денеска побара повлекување и преиспитување на одлуката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) во врска со случајот со дипломата на директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски, како и преиспитување на анализата направена од Државниот просветен инспекторат (ДПИ).
Истовремено, побара и расчистување на прашањето за конфликт на интереси во редовите на ДКСК.
И лидерот на партијата, Венко Филипче, вчера повика да се направи повторно анализа и повторно документите да се разгледаат од Антикорупциската комисија.
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) завчера се прогласи за ненадлежна да одлучува, односно да врши директна експертиза на ТОЕФЛ-сертификатот на директорот на АНБ за познавање на англискиот јазик, како и за дипломата од Економскиот факултет при Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје, а кои предизвикаа најголемо внимание во јавноста, особено сертификатот издаден во Пловдив, Бугарија.
Предметот на вчерашната седница го реферираше антикорупционерката Цвета Ристовска.
Според вчерашниот прилог на ТВ Телма, таа врши две функции. Едната како антикорупционер, а другата како дел од наставниот кадар на Универзитетот за туризам и менаџмент „Скопје“, од кој диплома има Христовски.
На Ристовска како членка на ДКСК, според Телма, ѝ бил доделен предметот за директорот на АНБ во кој по анонимна претставка беше оспорена и факултетската диплома на Универзитетот „Скопје“, која ја пријавил Христовски за да исполни услови за врвна безбедносна позиција во тајната служба.
Но, иако е дел од наставниот кадар на истиот Универзитет, Ристовска не се откажала од предметот за директорот на Агенцијата. На седницата на ДКСК, таа уверуваше дека просветниот инспекторат не нашол ништо спорно во факултетската диплома издадена на Универзитетот каде што таа е дел од наставниот кадар.
Инаку, „360 степени“ објави серија стории во врска со спорниот ТОЕФЛ-сертификат на Христовски, издаден од училиште „Јулија Ко.“ од Пловдив, Бугарија.
Од судски пресуди, во кои имавме увид, произлезе дека две директорки на јавни установи, по признание на вина, биле осудени на условни казни од две години затвор поради тоа што употребиле документ со невистинита содржина, односно ТОЕФЛ-сертификати токму од „Јулија Ко.“ од Пловдив.
Случајот со двете директорки завршил на суд по кривична пријава од Министерството за внатрешни работи (МВР) во време кога со него раководеше Панче Тошковски.
Бевме и во Пловдив. Но, таму го немаше ниту училиштето, ниту неговите сопственици. Дополнително, според документите достапни во бугарскиот трговски регистар, утврдивме дека фирмата „Јулија Ко.“ нема деловна активност најмалку од 2019 г. наваму, така што не би можела да издаде сертификат во 2022 г., од кога датира оној на Бојан Христовски.