„Членот на ДКСК нема било каква деловна врска со Универзитетот ‘Скопје’, како би дошло до судир на интереси со нејзиното постапување во конкретниот предмет, од причини што Универзитетот ‘Скопје’ не е предмет на постапување пред ДКСК“, се наведува во реакцијата на ДКСК за прилогот што го објави ТВ Телма
Според Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) нема никаков судир на интреси меѓу членката на Комисијата Цвета Ристовска и нејзиното постапување во предметот за директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски.

Оттаму попладнево, преку писмено соопштение, реагираа на наводите објавени од телевизија Телма, дека Ристовска врши две функции. Едната како антикорупционер, а другата како дел од наставниот кадар на Универзитетот за туризам и менаџмент „Скопје“, од кој диплома има Христовски.
„За Ристовска, и на веб-страницата на ДКСК и на Универзитетот ‘Скопје’, во нејзините биографии стои дека е ангажирана како наставен кадар на Универзитетот. Дури на инстаграм-страницата на Универзитетот во април како колешка добила и роденденска честитка“,
објави Телма.
Од Антикорупоциска ваквите наводи ги оценија како ,,апсулутно шпекулативни, манупулативни и вооппшто не
кореспондираат со предметот на постапката што се водеше пред ДКСК”.
Телевизијата во својот прилог се повика на податоци кои се јавно достапни, односно можат да се прочитаат во биографиите на Ристовска, објавени на веб-страницата на ДКСК, како и на Универзитетот „Скопје“ чиј ректор е Аце Миленковски. Според Антикорупциска, тоа што во биографијата на членката стои дека магистерските студии се тековни било техничка грешка, но не се негира дека Ристовска е дел од наставниот кадар на Универзитетот.
„Имено, членот на ДКСК Цвета Ристовска нема две позиции во јавниот живот, како што се шпекулира во текстот. Цвета Ристовска дипломирала на Универзитетот ‘Св. Кирил и Методиј’ – Економскиот Факултет во Скопје во 1991 година, а магистрирала на Универзитетот за туризам и менаџмент- економски науки, во 2011 година. Тоа што на веб- страницата на ДКСК во делот на нејзината биографија стои дека магистерските студии се тековни, е техничка грешка. Доколку медиумот се обратеше до нас или го контактираше членот на ДКСК Цвета Ристовска, како што налагаат новинарските стандарди и етика, истото ќе беше појаснето“,
се вели во дописот на ДКСК.
Оттаму тврдат дека не бил точен наводот дека мобилниот службен телефон на Ристовска исклучува, односно не одговара на повиците и дека не постои. Велат дека телевизијата воопшто не ја контактирала антикорупционерката на нејзиниот мобилен службен телефонски број, како втор извор на информации. Во прилогот на Телма се гледа дека телефонскиот број наведен во биографијата на Ристовска не е мобилен, туку фиксен.
Телевизијата во прилогот наведе и дека испратиле прашања на официјалните електронски адреси на Антикорупциската, како и до претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска.
„Сите членови на ДКСК во континуитет внимаваат на потенцијален судир на интереси и совршено добро ги познаваат одредбите од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, како и Етичкиот кодекс на ДКСК“,
се вели во соопштението на Комисијата, како своевиден коментар на забелешките во прилогот за тоа што е пропишано во одредбите од наведениот Закон и Етичкиот кодекс на Комисијата.
Зошто е ова важно?
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) вчера расправаше за случајот со (не)законитоста на именувањето на Бојан Христовски за директор на Агенцијата за национална безбедност отворен поради сомневањата за валидноста на неговата факултетска диплома и на ТОЕФЛ-сертификатот за познавање на англискиот јазик.
Предметот на седницатс го реферираше антикорупционерката Цвета Ристовска, која ѝ предложи на Комисијата, а таа едногласно прифати да го затвори предметот за Христовски.

Дел од предметот беше пријава со која се оспоруваше факултетската диплома од Универзитетот „Скопје“ (порано Универзитет за туризам и менаџмент) која ја пријавил Христовски за да ги исполни законските услови за врвната позиција во тајната служба.
Членовите на ДКСК се прогласија за ненадлежни да одлучуваат по ова прашање, бидејќи не можеле да вршат експертиза за валидноста на дипломата. Дополнително, од страна на Ристовска при реферирањето на предметот беше наведено дека во врска со случајот, Државниот просветен инспекторат извршил вонреден инспекциски надзор и не утврдил никакви незаконитости во работењето на Универзитетот.
„Членот на ДКСК нема било каква деловна врска со Универзитетот ‘Скопје’, како би дошло до судир на интереси со нејзиното постапување во конкретниот предмет, од причини што Универзитетот ‘Скопје’ не е предмет на постапување пред ДКСК“,
велат во денешната реакција од ДКСК.
Дополнително, во реакцијата од Комисијата се навраќаат на вчерашната одлука и повторуваат дека Државниот просветен инспекторат извршил вонреден инспекциски надзор на Универзитетот „Скопје“ заради проверка на наводите во пријавата против директорот на АНБ, Бојан Христовски.
„По извршениот надзор, беше констатирано дека неговата диплома е во ред. Одлуката за г-динот Бојан Христовски е донесена едногласно. За каков потенцијален судир на интерес зборуваме, во услови кога надзорот е извршен од друг орган??! Почитувани медиуми, ние како членови на ДКСК сме свесни дека постојано сме под лупа и надзор на јавноста, кое нешто максимално го почитуваме и вреднуваме. Таквиот надзор само дополнително придонесува во транспарентноста во работењето на ДКСК“,
велат од ДКСК.
Освен за дипломата, Комисијата вчера се прогласи за ненадлежна и во однос на ТОЕФЛ-сертификатот на Бојан Христовски.
„Христовски доставил меѓународно признаен сертификат за ТОЕФЛ издаден во 2022 година, кој формално-правно ги задоволува условите за меѓународна признаеност, временска валидност во смисла дека е издаден во рок пократок од пет години. И резултатите на тестот ги задоволуваат законските услови од 74 бода. ДКСК изврши увид во сертификатот и формално правно условот е исполнет, односно, поднесен е документ што ги задоволува барањата. Во врска со сомневањето за автентичноста, ДКСК нема овластување да проверува и утврдува автентичност на документите кои бараат експертиза надвор од нашите надлежности. Евентуалната невалидност на документот би требало да ја докажува Јавното обвинителство на РСМ каде што има кривична пријава. Документот важи се додека не е докажано спротивно од надлежен орган. Исходот од постапката пред Јавното обвинителство е во надлежност само на Обвинителството и процесуирањето на евентуално обвиниение е во надлежност на судот. ДКСК, поради презумпцијата на невност, не може да прејудицира исход на оваа постапка“,
рече вчера Ристовска при образложувањето на предметот.

Инаку, „360 степени“ објави серија стории во врска со спорниот ТОЕФЛ-сертификат на Христовски, издаден од училиште „Јулија Ко.“ од Пловдив, Бугарија.
Од судски пресуди, во кои имавме увид, произлезе дека две директорки на јавни уставнови, по признание на вина, биле осудени на условни казни од две години затвор поради тоа што употребиле докумнет со невистина содржина, односно ТОЕФЛ-сертификти токму од „Јулија Ко.“ од Пловдив.
Случајот со двете директорки завршил на суд по кривична пријава од Министерството за внатрешни работи (МВР) во време кога со него раководеше Панче Тошковски.
Бевме и во Пловдив. Но, таму го намеше ниту училиштето, ниту неговите сопственици. Дополнително, според документите достапни во бугарскиот трговски регистар, утврдивме дека фирмата „Јулија Ко.“ нема деловна активност најмалку од 2019 г. наваму, така што не би можела да издаде сертификат во 2022 г. од кога датира оној на Бојан Христовски.
„360 степени“ дојде и до „Упатство за спроведување на фаза 1 – административна селекција во делот на проверка на поседување на меѓународно признати сертификати за познавање на еден од трите најчесто користени јазици во Европската Унија“ од декември 2019 г. Во документот на Агенцијата за администрација има листа на признаени тестови и испитни центри во земјава и регионот.
Го има и Пловдив, но единствениот овластен испитен центар е друго правно лице кое нема никаква врска со „Јулија Ко.“. Станува збор за приватното училиште „Класик“.

Во меѓувреме, дека отвориле предмет за ТОЕФЛ-сертификатот на Христовски ни потврдија и од МВР и од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија. Од Обвинителството велат дека преку меѓународна правна помош се обратиле до бугарските власти за да ги обезбедат потребните информации по официјален пат.
Во продожение погледнете дел од сториите што ги објави „360 степени“ на оваа тема.