Портпаролката на партијата, Богданка Кузеска, на прес-конференција рече дека фактите што ги објавија медиумите и кои се достапни за јавноста се загрижувачки и отвораат низа прашања за основите врз кои е донесена одлуката, дури и за можен конфликт во самата ДКСК
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз бара повлекување и преиспитување на одлуката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) во врска со случајот со дипломата на директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски, како и преиспитување на анализата направена од Државниот просветен инспекторат (ДПИ). Истовремено, бара и расчистување на прашањето за конфликт на интереси во редовите на ДКСК.
Портпаролката на партијата, Богданка Кузеска, на прес-конференција рече дека фактите што ги објавија медиумите и кои се достапни за јавноста се загрижувачки и отвораат низа прашања за основите врз кои е донесена одлуката, дури и за можен конфликт во самата ДКСК.

Според неа, овој случај мора целосно да биде расчистен, зашто е удар не само врз угледот на Антикорупциската комисија, туку е и дамка за нејзината работа.
„Анонимната претставка во која беше оспорена факултетската диплома на Бојан Христовски издадена од еден Универзитет во Скопје, ДКСК ја отфрли повикувајќи се на анализа на Државниот просветен инспекторат. Оваа диплома, која ја пријавил самиот Христовски, предизвика основани сомнежи поради експресното завршување на студиите за само една година. Замислете, наместо за четири, успеал за една“,
вели Кузеска.
Посочи дека вчера една национална телевизија објави информација за конфликт на интерес во самата ДКСК, односно дека членка на оваа комисија, задолжена за овој случај, која реферираше дека сè е во ред со дипломата на Христовски, истовремено е и предавач на истиот Универзитет од каде е издадена спорната диплома.
„Овие информации беа јавно достапни и на интернет-страницата на Универзитетот и на страната на ДКСК. Но, по објавата на прилозите во медиумите, Универзитетот за туризам и менаџмент ја ‘избриша‘ Цвета Ристовска од наставен кадар на интернет-страницата. Оваа ситуација ја загрозува веродостојноста на одлуките на ДКСК и ги поткопува во целост“,
рече портпаролката.
Го посочи Етичкиот кодекс на ДКСК, во кој е наведено дека членот треба да се откаже од одлучување во предмети што не се поврзани со судир на интереси.
„Мора да се обезбеди транспарентност и одговорност во процесот, со цел граѓаните да добијат јасни одговори и да имаат доверба“,
кажа таа.
И лидерот на партијата, Венко Филипче, вчера повика да се направи повторно анализа и повторно документите да се разгледаат од Антикорупциската комисија.
Според ТВ Телма, Цвета Ристовска врши две функции. Едната како антикорупционер, а другата како дел од наставниот кадар на Универзитетот за туризам и менаџмент „Скопје“, од кој диплома има Христовски.
На Ристовска како членка на ДКСК ѝ бил доделен предметот за директорот на АНБ во кој по анонимна претставка беше оспорена и факултетската диплома на Универзитетот „Скопје“, која ја пријавил Христовски за да исполни услови за врвна безбедносна позиција во тајната служба. Иако е дел од наставниот кадар на истиот Универзитет, Ристовска не се откажала од предметот за директорот на Агенцијата. А, на седницата на ДКСК уверуваше дека просветниот инспекторат не нашол ништо спорно во факултетската диплома издадена на Универзитетот каде што таа е дел од наставниот кадар.
Ваквите наводи од Антикорупциска ги оценија како ,,апсолутно шпекулативни, манипулативни и вооппшто не
кореспондираат со предметот на постапката што се водеше пред ДКСК”.
Според ДКСК нема никаков судир на интереси меѓу членката на Комисијата, Цвета Ристовска, и нејзиното постапување во предметот за директорот на АНБ.
Инаку, „360 степени“ објави серија стории во врска со спорниот ТОЕФЛ-сертификат на Христовски, издаден од училиште „Јулија Ко.“ од Пловдив, Бугарија.
Од судски пресуди, во кои имавме увид, произлезе дека две директорки на јавни установи, по признание на вина, биле осудени на условни казни од две години затвор поради тоа што употребиле документ со невистинита содржина, односно ТОЕФЛ-сертификати токму од „Јулија Ко.“ од Пловдив.
Случајот со двете директорки завршил на суд по кривична пријава од Министерството за внатрешни работи (МВР) во време кога со него раководеше Панче Тошковски.
Бевме и во Пловдив. Но, таму го немаше ниту училиштето, ниту неговите сопственици. Дополнително, според документите достапни во бугарскиот трговски регистар, утврдивме дека фирмата „Јулија Ко.“ нема деловна активност најмалку од 2019 г. наваму, така што не би можела да издаде сертификат во 2022 г., од кога датира оној на Бојан Христовски.