Според информациите од Центарот за управување со кризи (ЦУК) во текот на февруари најмногу од пожарите на отворено биле на стрништа и висока трева, и тоа дури 256
Во текот на овој месец во земјава биле регистрирани 448 пожари на отворено.
Според информациите од Центарот за управување со кризи (ЦУК), во текот на февруари, односно до вчера, најмногу од пожарите на отворено биле на стрништа и висока трева, и тоа дури 256. На запалена ниска вегетација пожарникарите интервенирале во 128 случаи, а 42 од вкупниот број пожари овој месец биле шумски. Од сите регистрирани пожари во февруари, од ЦУК велат дека 22 биле на депонии.
Во последното деноноќие, како што информираат од ЦУК, било интервенирано на 11 пожари на отворено и сите биле изгаснати. Според ЦУК, вчерашната бројка на пожари на отворено била три пати помала од таа претходниот ден, кога имало 39.
Од Центарот за управување со кризи прават споредба и со останатите земји и велат дека состојбата со невообичаено големиот број на пожари на отворено за овој период од годината е слична и во Србија.
Според Секторот за вонредни состојби на српското Министерство за внатрешни работи, од почетокот на февруари на територијата на Република Србија се забележани 1 492 пожари на отворени простори, за што велат дека е енормно зголемување во однос на истиот период лани, кога имало 226 вакви пожари.
Оттаму велат дека за локализирање и целосно гаснење на пожарите на отворен простор биле ангажирани 3 795 припадниците на противпожарните и спасувачките единици со 519 противпожарни возила.