Од ЦУК велат дека повредениот планинар е преземен од гостиварската итна помош за понатамошен транспорт и медицински третман

Повреден планинар, кој не бил во состојба да се движи, денеска е успешно лоциран и евакуиран од планината Кораб по брза акција на спасувачките служби, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Пријавата за инцидентот била примена преку Единствениот број за итни повици 112, по што Секторот за операции и координација преку регионалниот Центар за управување со кризи од Тетово веднаш покренал координирана акција на терен.
Во акцијата за лоцирање и спасување биле вклучени повеќе институции, вклучувајќи ги СВР Тетово, Полициската станица Маврово и ЈП Национален парк „Маврово“.
Ренџерите од Националниот парк успеале брзо да го пронајдат планинарот на непристапниот терен, утврдувајќи дека тој се наоѓа во стабилна здравствена состојба.
По лоцирањето, започнала акција за негово безбедно спуштање кон селото Жужње.
Во селото Жужње планинарот бил пречекан од екипа на Итната медицинска помош од Гостивар.
„Повредениот планинар е преземен од гостиварската итна помош за понатамошен транспорт и медицински третман. Благодарение на брзата реакција и навремената координација на сите надлежни служби, повредениот планинар е безбедно евакуиран и во стабилна состојба“,
информираат од Центарот за управување со кризи.
