Од ЦУК велат дека во Скопскиот Регион, освен проблемите со поплавени подвозници, улици и кружни текови, имало пријава и дека водата навлегла во просториите на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), каде што се поплавени подрумите и гаражите, а вода има и во главниот хол и амфитеатарот

Обилните врнежи од дожд и невремето во текот на денот зафатија повеќе делови од државата предизвикувајќи штети врз инфраструктурата, но и на приватни и јавни објекти. Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) велат дека преку единствениот повикувачки број за итни случаи 112 пристигнале пријави од граѓани за поплави, паднати дрвја и блокирани патишта, по што сите надлежни институции излегле на терен за санирање на состојбата.
Оттаму велат дека во Скопскиот Регион велат, освен проблемите со поплавени подвозници, улици и кружни текови, имало пријава и дека водата навлегла во просториите на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), каде што се поплавени подрумите и гаражите, а вода има и во главниот хол и амфитеатарот.
Пријавено било и полнење на Усјанскиот Канал на улицата „Божин Николов-Силни“ во Горно Лисиче, каде што постои опасност од прелевање во дворовите. Зголемено ниво на водата се бележи и реката Серава кај улицата „Призренска“ во Бутел.
„Поради поплавените улици, кружни текови и подвозници, движењето на возилата е значително отежнато. И понатаму пристигнуваат пријави за поплавени куќи и станбени згради, а надлежните служби постапуваат по сите пријави“,
велат од ЦУК.
Силниот дожд предизвика сериозни проблеми и во Куманово. Пријавени се поплавени подрумски простории на сообраќајниците „Моша Пијаде“, „Октомвриска револуција“, „Бајрам Шабани“, „Трета МУБ“ и „11 Октомври“. Вода навлегла и во објектот на „Комодита“ на улицата „Гоце Делчев“, на улицата „Веселин Маслеша“, како и на улицата ЈНА кај „ЛП плаза“.
Од ЦУК додаваат дека екипите на Територијалната противпожарна екипа од Куманово и комуналните претпријатија работат на терен.
Во Полошкиот Регион најкритично е во селото Нераште во Општина Теарце. Поради недоволниот капацитет на каналскиот систем, атмосферските води поплавиле дел од селото околу новата џамија. Водата навлегла во неколку куќи и подруми предизвикувајќи материјална штета. Општинските служби веќе работат на расчистување, а формирана е и посебна комисија за процена на штетите.
Невремето проследено со силен ветер предизвика прекини во сообраќајот и штети на возила во Велешкиот и Струмичко-радовишки Регион.
Во Општина Велес екипи на ЈКП „Дервен“ отстранувале паднато дрво кај Ликовниот салон во Велес, додека „Македонија пат“ интервенирале во четири наврати – трипати на автопатот Скопје – Градско поради паднати дрвја и еднаш на патот Велес – Градско поради одрон.
Во Кавадарци се интервенирало на патот кон Витачево, а во Свети Николе се испумпувала вода во селото Ерџелија.
Во Струмица ветерот соборил дрво, електрично броило, како и жици и бандери. Во Радовиш, пак, паднато дрво оштетило автомобил, а поплавени се и три градски улици.
Надлежните служби апелираат до граѓаните на внимателно движење, особено во близина на поплавените подвозници и патните правци каде што има појава на одрони.
