Според информациите од ЦУК, најпогодени се општините Кисела Вода, Чаир, Бутел и Гази Баба

Силното невреме проследено со обилни врнежи од дожд што попладнево го зафати подрачјето на Град Скопје предизвика штети, поплави и целосен сообраќаен колапс во неколку делови од главниот град.
Преку Единствениот повикувачки број за итни случаи 112, до Центарот за управување со кризи (ЦУК) пристигнале голем број пријави од граѓани за поплавени подруми, дворови, магацини, како и за заглавени возила на неколку точки низ градот. Според информациите од ЦУК, најпогодени се општините Кисела Вода, Чаир, Бутел и Гази Баба.
Поради огромното количество вода, движењето на возилата низ градот е отежнато, а на одредени локации целосно во прекин.
Од ЦУК велат дека биле пријавени заглавени автомобили на два подвозника – пред кружниот тек во Бутел и на булеварот „Србија“ во Кисела Вода.
Под вода се и кружните текови кај трговскиот центар „Ист Гејт“ во Општина Гази Баба, кај „Мото Центар“ и „Цементара“ во Општина Кисела Вода, како и оној во населбата Железара исто така во Општина Гази Баба.
Според податоците од ЦУК, целосно е поплавена и улицата „Јордан Мијалков“ лоцирана зад „Дајмонд мол“.
Проблеми со поплава има и на паркиралиштата и пристапните улици во населбата Расадник во Кисела Вода и во Аеродром.



Освен сообраќајната инфраструктура, невремето зафати и приватни и деловни објекти. Пријавени се поплавени куќи, гаражи и подрумски простории во Кисела Вода, Автокоманда и Чаир. Меѓу погодените комерцијални објекти се и магацин на „Веро“ во Чаир, како и магацински простор на приватна фирма во Кисела Вода.
За сите пријавени случаи од ЦУК велат дека веднаш се известени Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје и единиците на локалната самоуправа кои веќе постапуваат на терен согласно своите надлежности.
Во моментов заседава Кризниот штаб на Град Скопје, кој врши координација на активностите на сите надлежни служби со цел што побрзо расчистување на теренот и нормализирање на состојбата. Од надлежните апелираат до граѓаните да избегнуваат движење низ поплавените подвозници и зони додека трае интервенцијата.
