УХМР најавува нестабилно време до петок
Пред малку, Скопје го зафати силно невреме со пороен дожд, ветер, грмежи и ситен град.
Поради невремето, за краток период и улиците се наполнија со вода.
Ваквото време го најави претходно Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), која соопшти дека попладнево ќе има појава на нестабилност во Скопје.
„Попладне ќе има појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во делови од котлината ќе има услови за краткотрајно невреме со појава на град“,
кажаа од УХМР.
Според синоптичарите, утре и во петок ќе се задржи променливо облачно и нестабилно време со повремени врнежи од дожд и грмежи.
Потоа следува период на стабилно и сончево време.
Во сабота ќе дува умерен до засилен северен ветер.
