Според него, Кризниот штаб е во постојана координација со Центарот за управување со кризи (ЦУК), Министерството за внатрешни работи (МВР), ЕВН, Противпожарната бригада на Град Скопје и сите надлежни институции, кои на располагање ќе бидат во текот на целата ноќ и ќе интервенираат секаде каде што ќе биде потребно
Силното невреме, прослeдено со обилни врнежи од дожд, електрични празнења, засилен ветер и ситен град, гo мобилизира Кризниот штаб на Град Скопје, кој, како што информира градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, заедно со надлежните служби, е подготвен да интеревенира доколку има потреба.

„Поради силното невреме кое во текот на денешниот ден го зафати Скопје, Кризниот штаб на Град Скопје, заедно со службите и јавните претпријатија, е целосно мобилизиран и подготвен за брза интервенција на терен, доколку има штети, поплави или потреба од итна реакција“,
напиша градоначалникот на Скопје.
Според него, Кризниот штаб е во постојана координација со Центарот за управување со кризи, Министерството за внатрешни работи (МВР), ЕВН, Противпожарната бригада на Град Скопје и сите надлежни институции.
Екипите на Град Скопје, наведува Ѓорѓиевски во објавата на Фејсбук, на располагање ќе бидат во текот на целата ноќ и ќе интервенираат секаде каде што ќе биде потребно.
„Сите капацитети се ставени во функција, со една цел навремена заштита на граѓаните и спречување на поголеми последици. Не можеме да го запреме невремето, но можеме организирано, одговорно и заеднички да спречиме поголеми штети“,
уверува скопскиот градоначалник.
Тој ги повикува граѓаните на внимателност и смиреност и соработка со надлежните служби, кои, како што додава, се веќе на терен.
Засега од надлежните институции нема официјални информации за настанати поголеми штети од невремето.
Во меѓувреме, дел од медиумите пренесуваат дека веќе има сериозни проблеми на повеќе локации во главниот град. Некои од нив јавуваат за метежи на раскрсниците бидејќи не работат семафори, а има информации и за заглавен автомобил под подвозник во Бутел поради собрана поголема количина вода, поплавени булевари и паднати дрвја.
Ваквата временска состојба беше најавена претходно од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), која соопшти дека попладнево ќе има појава на нестабилност во Скопје, а во делови на котлината ќе има услови за краткотрајно невреме со појава на град.
Според синоптичарите, променливото и нестабилоно време, со повремени врнежи од дожд и грмежи ќе се задржи утре и во петок.
