Паднати дрвја, оштетени покриви и возила, прекини во снабдувањето со струја и вода се пријавени во повеќе градови

Силното невреме што вчера ја зафати земјата, а кое беше проследено со ветер, дожд и поројни врнежи предизвика големи материјални штети низ целата држава. Пријавени се паднати дрвја, оштетени покриви и возила, прекини во снабдувањето со струја и вода, а сите надлежни служби и противпожарни екипи се на терен, информираат денеска од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Преку единствениот број за итни повици 112 по 17 часот биле регистрирани над 9 000 повици од граѓани, од кои најголемиот дел се однесуваат на последиците од силниот ветер и врнежи.
Од ЦУК велат дека во Скопје имало пријави за паднати дрвја, откорнати кровови, паднати бандери и скинати кабли и тоа во сите општини. Пријави имало и за голем број оштетени патнички возила.
Слична била ситуацијата и во Куманово, каде што се регистрирани паднати покриви, оштетени фасади, скршени дрвја врз автомобили, а имало и оштетувања на електричната мрежа.
Во Штип, како што велат од ЦУК, ветерот подигнал околу 50 отсто од покривната конструкција на Клиничката болница во Штип, при што дошло до поплавување на болнички простории. Регистрирани се и паднати дрвја кои го отежнуваат сообраќајот и оштетени покриви на станбени објекти.
Од ЦУК велат дека поради невремето околу 80 отсто од Кочани останал без електрична енергија, а поради прекин во работата на пумпите имало проблеми и со водоснабдувањето. Поплавени се подрумски простории, а свикан е и Општинскиот кризен штаб.
Во Општина Пробиштип блокиран е патниот правец од селото Ратавица кон Злетово, а регистрирани се и оштетени покриви, оџаци и возила.
Последици од невремето се регистрирани и во Велес, Свети Николе, Лозово, Кавадарци и Неготино.
Информациите од ЦУК се дека во индустриската зона во Кавадарци, паднати електрични кабли предизвикале пожар кој веднаш е локализиран. Во делови од Свети Николе, Лозово, Чашка и околните населени места има прекини во електроснабдувањето поради оштетувања на електроенергетската инфраструктура.
Силниот ветер нанел сериозни штети и во Струмица каде што пријавени се оштетени оранжерии, однесени заштитни фолии и уништени раноградинарски култури. Исто така, паднати се повеќе билборди и електрични столбови.
На подрачјето кое го покрива РЦУК Битола, последици од невремето се регистрирани во дел од прилепскиот регион. Откорнат е лимен кров од управната зграда на ЈП „Национални шуми – Црн Бор“ каде вработените работат на расчистување на последиците.
На територијата на Тетово, додаваат од ЦУК, нема регистрирани потешки случаи кои барале итни интервенции. Евидентирани се помали материјални штети, а надлежните служби се на терен и ја следат состојбата иако таа е стабилна и под контрола.
Екипите на Јавните комунални претпријатија, ЕВН, Противпожарните единици и полицијата продолжуваат со работа на терен за нормализирање на состојбата.
