Фјучерсите на суровата нафта „брент“ за испорака во септември паднаа за речиси пет отсто, на околу 91,97 долари за барел, додека американската сурова нафта „Вест Тексас“ (ВТИ) забележа пад од 5,2 отсто, на 84,67 долари за барел
Ваквиот развој следува по одлуката на Вашингтон да ја паузира кампањата со воздушни напади, откако советниците на американскиот претседател Доналд Трамп, наводно, предупредиле дека војската има сè помалку остварливи цели, а истовремено изразиле загриженост поради трошењето на американските залихи на оружје
Цените на нафтата значително се намалија откако Иран сигнализираше дека ќе ги запре нападите доколку Сoединетите Американски Држави (САД) продолжат да се воздржуваат од воени дејствија, што ги ублажи стравувањата од натамошна ескалација на речиси двонеделниот конфликт, пренесуваат светските медиуми.
Ова, според аналитичарите, ги зголеми надежите за дипломатско решение на конфликтот и за непречено одвивање на поморскиот сообраќај низ Ормускиот Теснец.

Фјучерсите на суровата нафта „брент“ за испорака во септември паднаа за речиси пет отсто, на околу 91,97 долари за барел, додека американската сурова нафта „Вест Тексас“ (ВТИ) забележа пад од 5,2 отсто, на 84,67 долари за барел.
Според Ројтерс, кој се повикува на висок ирански функционер, Техеран е подготвен да ги прекине нападите сè додека и САД се воздржуваат од нови воени акции.
Ваквиот развој следува по одлуката на Вашингтон да ја паузира кампањата со воздушни напади, откако советниците на американскиот претседател Доналд Трамп, наводно, предупредиле дека војската има сè помалку остварливи цели, а истовремено изразиле загриженост поради трошењето на американските залихи на оружје.
Иранскиот функционер истакнал дека позицијата на Техеран останува „напад за напад“, што значи дека доколку тие престанат, Иран исто така ќе ги запре своите операции. Според него, оваа порака веќе им е пренесена на американските власти.
Американскиот амбасадор во Обединетите нации, Мајк Волц, за „Фоксњуз“ изјави дека претседателот Трамп одлучил да ги паузира нападите со цел да им се даде простор на дипломатските напори.
Стратегот за каматни стапки во глобалната банкарска групација ХСБЦ, Дирај Нарула, оцени дека претходниот раст на цените на нафтата ги зајакнал очекувањата дека Федералните резерви би можеле подолго да ја задржат рестриктивната монетарна политика.
Сепак, тој нагласи дека инфлациските очекувања останале релативно стабилни и покрај поскапувањето на енергенсите.
Тоа, според него, се должи на јасните пораки од претставниците на Федералните резерви за нивната посветеност на одржување на ценовната стабилност, со што се спречило растот на цените на нафтата да предизвика долгорочен инфлациски притисок.
Инаку, иранската војска вчера соопшти дека Техеран ги прекинал нападите врз своите соседи во Персискиот Залив, откако САД го запреле бомбардирањето на иранска територија.
САД, пак, вчера ги запреа нападите врз Иран по речиси двонеделното последователно бомбардирање. Одлуката следува откако потпретседателот Џеј-Ди Венс и претседателот на Здружениот генералштаб, генерал Ден Кејн, за време на состанок во Белата куќа со американскиот претседател Доналд Трамп, изразиле загриженост оти натамошните напади би можеле да доведат до опасна ескалација на конфликтот.
