На состанок во Белата куќа, Венс и Кејн изразиле загриженост оти натамошните напади би можеле да доведат до опасна ескалација на конфликтот, пренесува Си-Ен-Ен. Загриженоста околу залихите на оружје била само една од повеќето теми што биле разгледувани на состанокот
Соединетите Американски Држави ги запреа нападите врз Иран по речиси двонеделното последователно бомбардирање, објави Си-Ен-Ен, повикувајќи се на извори од Министерството за одбрана. Одлуката следува откако потпретседателот Џеј-Ди Венс и претседателот на Здружениот генералштаб, генерал Ден Кејн, за време на состанок во Белата куќа со американскиот претседател Доналд Трамп, изразиле загриженост оти натамошните напади би можеле да доведат до опасна ескалација на конфликтот, пренесува Си-Ен-Ен.
Генералот Кејн, како што наведува медиумот, повикувајќи се на свои извори од состанокот, го предупредил претседателот Трамп за состојбата со американските резерви на муниција и на други можни негативни последици.
Загриженоста околу залихите на оружје била само една од повеќето теми што биле разгледувани на состанокот, но засега не е јасно дали токму овие предупредувања биле главната причина за прекинот на нападите, ниту дали паузата ќе биде привремена или ќе продолжи и во наредниот период.
Директорот за комуникации на Белата куќа, Стивен Чунг, посочил дека претседателот Трамп и понатаму дава предност на дипломатско решение, но дека „ги задржува сите опции на маса“ доколку Иран продолжи со, како што наведе, терористички активности во Ормускиот Теснец или против американските сојузници.
