Техеран тврди дека нивната воена стратегија е исклучиво одмаздничка, додека американските медиуми шпекулираат дека Вашингтон ги паузирал операциите поради недостиг на муниција
Иранската војска соопшти дека Техеран ги прекинал нападите врз своите соседи во Персискиот Залив, откако Соединетите Американски Држави го запреле бомбардирањето на иранска територија.

Портпаролот на армијата, Мохамад Акрамијан, во интервју за државната телевизија нагласи дека нивната воена стратегија се базира исклучиво на одмаздничка акција и вели оти откако Американците ги прекинале нападите во изминатите две ноќи, иранските сили возвратиле реципрочно и ги стопирале своите операции, со што е забележана втора ноќ по ред на затишје во непријателствата и не се пријавени нови американски бомбардирања во Иран.
Од друга страна, Соединетите Американски Држави ги запреа нападите врз Иран по речиси двонеделното последователно бомбардирање, објави Си-Ен-Ен, повикувајќи се на извори од Министерството за одбрана. Одлуката следува откако потпретседателот Џеј-Ди Венс и претседателот на Здружениот генералштаб, генерал Ден Кејн, за време на состанок во Белата куќа со американскиот претседател Доналд Трамп, изразиле загриженост оти натамошните напади би можеле да доведат до опасна ескалација на конфликтот.
