Минатата недела претседателот на Бугарија, Румен Радев изјави дека се уште не се исцрпени сите можности за формирање влада во Бугарија и најави консултации со партиите застапени во парламентот, пред да биде предаден следниот мандат, откако пропадна обидот „Има таков народ“ да состави влада, како прворангирана партија на неодамнешните избори
Победничката партија на последните парламентарни избори во Бугарија што се одржаа на 11 јули, „Има таков народ“ со своите 65 пратеници веќе е во опозиција, а другите партии со 175 пратеници веќе се власт, изјави нејзиниот лидер Слави Трифонов, според кого, како овие партии ќе преговараат едни со други е веќе нивна работа.
„Бидејќи од неодамна сум во политиката очигледно не ги разбирам работите како што ги разбираат искусните политичари. Искусните бугарски политичари. Очигледно некои работи, како што се конзистентност, одржување на зборот, искреност, компромис, гест, почит, јавно овие работи се дел од нормалниот живот, но од политичкиот – не се! Таму, овие зборови добиваат сосема поинакво значење, звучат исто, но всушност го сугерираат токму спротивното. Јас не ги разбирам овие работи, и да бидам искрен – не сакам да ги разберам, ниту пак некогаш ќе го прифатам овој начин на однесување, во кој се кажува едно, а се прави друго, во кое лагата се претставува како вистина, компромисот е понижување, а искреноста е некоја архаична глупост“,
изјави Трифонов.
Тој призна дека „Има таков народ“ се обидела да направи малцинска влада, што бугарскиот Устав и го дозволува, а партијата ги направила сите потребни компромиси кон таканаречените „протестни партии“ , кои изјавија дека само со нивна поддршка ќе се формира влада.
„Не ја добивме нивната поддршка и нашите гестови не беа разбрани и беа одбиени. Нашите потенцијални партнери имаа чувство дека нашиот предлог ја покажува ‘долгата рака на ДПС’. Сега, во евентуалниот трет мандат што ќе им го даде претседателот, нивното ‘чувство за долгата рака на ДПС’ исчезна и тие ја очекуваат нашата поддршка. Магија. Очигледно во бугарската политика ‘долги раце’ и ‘кратки нозе’ се појавуваат и исчезнуваат според ‘чувствата’ на политичарите. Кога велам ‘кратки нозе’, мислам на бугарската поговорка дека ‘на лагата ѝ се кратки нозете’“,
рече Трифонов.
Тој објасни дека ИТН со 65 пратеници оди во опозиција бидејќи ја нема поддршката од сите други партии за да направи влада, додека другите партии со нивните 175 пратеници се веќе на власт.
„Со моето елементарно разбирање за политиката и нивниот интегритет, не сум слушнал никогаш, никаде во ниту една демократска земја за влада меѓу владеачка партија и опозиција. Зарем тоа не е значењето на демократскиот процес – да има владетели и логично, наспроти владата, да има опозиција? И сега, драги владетели, ние ќе бидеме ваша конструктивна опозиција … додека суверенот не одлучи нешто друго!”,
изјави лидерот на „Има таков народ“.
Минатата недела претседателот на Бугарија, Румен Радев изјави дека се уште не се исцрпени сите можности за формирање влада во Бугарија и најави консултации со партиите застапени во парламентот, пред да биде предаден следниот мандат, откако пропадна обидот „Има таков народ“ да состави влада, како прворангирана партија на неодамнешните избори.