Тројцата нови пациенти се хоспитализирани од кои два се на Инфективната клиника, додека еден на Неврологија. Сите се над 60 години

Од вчера регистрирани се три нови случаи на западнонилска треска во земја, соопшти денеска министерот за здравство Сашо Клековски. Со ова, бројката на евидентирани случаи се искачува на 11.
Тројцата нови пациенти се хоспитализирани од кои – два на Инфективната клиника, а еден на Неврологија.
„Кај овие пациенти се прават истражувања со повеќе методи, значи ликвор, секрети и други тестови. Секако веднаш се прават и епидемиолошки анкети. Она што можам да го потврдам врз основа на комуникацијата со Комисијата за заразни болести е дека надвор од случаите поврзани со Грција, има случаи кои дефинитивно не патувале надвор од државата и со место на живеење се на подрачјето на Скопско поле“,
рече Клековски.
Министерот повтори дека се преземаат стандардните епидемиолошки мерки – дезинфекција во радиус од 200 метри околу местото на живеење на потврдените случаи, што е обврска на Центарот за јавно здравје-Скопје.
„Ќе видиме спрема препораките и дополнителното мапирање, дали ќе треба дополнително прскање од земја. Институтот за јавно здравје и Комисијата за заразни болести работат на мапирање на случаите и ќе се преземат дополнителни мерки. Досега, колку што знам, има само еден случај од Велес. Чекаме да видиме каква е епидемиолошката анкета таму за да видиме каква е поврзаноста“,
соопшти тој.
На новинарско прашање, бидејќи се работи за повозрасни пациенти, дали ќе произлезат нови препораки за тој дел од населението, министерот одговори дека последниот збор ќе го има Комисијата за заразни болести.
„Осумдесет отсто од случаите поминуваат без симптоми и ние воведовме задолжително сезонско тестирање на донираната крв на Трансфузија за да обезбедиме дека дарувањето нема да значи пренос на овој вирус. Огромен број се асимтоматски. Тие што се симптоматски се повозрасна група, над 60 години и се поврзани со коморбидитети. Комисијата за заразни болести работи постојано. Фокусот од Гостивар е префрлен на овие болести“,
кажа Клековски.
Претходно денеска директорот на Инфективна, Фадил Цана, кажа дека седуммина со западнонилска треска се лекуваат на клиниката и дека еден од нив е во тешка состојба.
