За разлика од случувањата во Собранието пред точно три години, овој пат владејачката ДУИ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ се на слични позиции во однос на можноста за свикување итна седница – контра иницијативата на СДСМ
Да не се случеше кризата со коронавирусот и да не беше прогласена вонредна состојба, ова ќе беа последните денови пред истекот на рокот за конституирање на новиот собраниски состав
Претседателот на парламентот Талат Џафери, кој денеска заокружува точно три години откако е избран на функцијата, сѐ уште не се изјаснува за барањето на 35 пратеници за свикување на распуштениот парламент поради прогласената вонредна состојба во земјава.
Иницијативата за закажување итна седница на парламентот е на СДСМ, за што, според наши информации, партискиот лидер Зоран Заев телефонски го известил Џафери пред да почне собирањето на пратеничките потписи. Но, наводно, уште тогаш Џафери бил воздржан во однос на можноста да ги свика пратениците и да ги стави на дневен ред одлуките на шефот на државата за прогласување вонредна состојба, кои, според Уставот, треба да бидат потврдени од парламентот.

Да не се случеше кризата со коронавирусот и да не беше прогласена вонредна состојба во земјава, што доведе до одложување на вонредните парламентарни избори, македонската политичка сцена денеска ќе ги броеше последните денови пред истекот на роковите за конституирање на новиот (десетти) собраниски состав. Со оглед на тоа што изборите беа првично закажани на 12 април, почетокот на мај ќе беше последниот рок за одржување на конститутивната седница на новиот собраниски состав.
Но, со оглед на кризата предизвикана од коронавирусот, датумот за одржување на изборите, а со тоа и за конституирање на новиот парламент останува неизвесен. На таа тема се очекува да разговараат партиските лидери на средба што претседателот Стево Пендаровски ја најави кон средината на мај, а откако тоа го побара опозицискиот лидер Христијан Мицкоски.

Џафери, како пратеник на ДУИ, беше избран на чело на парламентот на 27 април 2017 година, кога и се случија крвавите настани во законодавниот дом. За организаторите на насилствата во парламентот пред три години сега се води судски процес за неколку поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои е и претходниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски.
За разлика од случувањата пред три години, овој пат владејачката ДУИ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ (Христијан Мицкоски) се на слични позиции во однос на можноста за свикување на распуштениот парламент, додека и Џафери тврди дека веќе нема мандат да закаже собраниска седница.
Последната седница, деветтиот собраниски состав ја одржа на 16 февруари, кога пратениците донесоа одлука да се распуштат. Со оглед на тоа што засега не покажува расположение да го свика распуштениот парламент, можеби следната седница што ќе ја закаже Џафери ќе биде конститутивното заседание на новиот собраниски состав.
И оваа конститутивна седница, кога и да се одржи, ќе биде организирана според старите правила, со оглед на тоа што собранискиот состав во заминување не стигна да ги донесе измените во собранискиот Деловник. Основна цел на овие измени, за кои се дебатираше во рамки на процесот „Жан Моне“, беше да се превенираат настани како на 27 април 2017 година, при изборот на Џафери на чело на парламентот.
Конститутивната седница на овој собраниски состав, всушност, почна на 30 декември 2016 година, кога беа верификувани мандатите на новоизбраните пратеници. Сепак, поради сложената политичка ситуација, завршувањето на конститутивната седница се одолговлече дури до 27 април 2017 година, со што се пролонгира за неколку месеци и смената на власта на „Илинденска“, односно изборот на новата влада на СДСМ и на ДУИ.