Исчезнувањето на девојчето беше пријавено во полиција во понеделникот во 8:35 часот изутрина. Оттогаш, како што информираат од МВР, вклучени се целосните капацитети на СВР Скопје на највисоко ниво, извршени се низа разговори со лица блиски на малолетничката, прегледани се камери
Продолжува интензивната потрага по малолетното девојче што пред три дена, во утринските часови, исчезна во центарот на Скопје.
Портретна фотографија и опис на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје вчера беше објавена на веб-страницата на Министерството за внатрешни работи (МВР) во регистарот за исчезнати лица.
Во описот се наведува дека девојчето има темнокафеава коса и кафеави очи, носи протези на горните и долните заби и има бенка на десна страна од лицето. Висока е 175 сантиметри, а тешка 58 килограми.
На денот на исчезнувањето (27 ноември) на себе носи син блузон, црна јакна, црни фармерки со странични џебови и бели патики со кафеави линии. Со себе носи школски ранец и мобилен телефон „ајфон“.
Исчезнувањето на девојчето беше пријавено во полиција во понеделникот во 8:35 часот изутрина. Оттогаш, како што информираат од МВР, вклучени се целосните капацитети на СВР Скопје на највисоко ниво, извршени се низа разговори со лица блиски на малолетничката, прегледани се камери.
Од МВР повикуваат во јавноста да не се шират дезинформации посочувајќи дека постојано ќе информираат до пронаоѓање на малолетничката.
Фотографии од девојчето се залепени во центарот на градот со надеж дека некој од минувачите ќе се присети на каква било информација.
На социјалните мрежи се шири и фотографија од Вања Ѓорчевска на која е испишана порака на англиски која е упатена до сите во Србија, Косово, Албанија, Бугарија и Грција и до сите во светот и на која се наведува дека девојчето е исчезнато.
Случајот го обелодени мајката на тинејџерката во објава на социјалните мрежи. Според објавата на мајката на девојчето, 14-годишничката тргнала од дома накај училиште во 7:20 часот по што ѝ се губи секаква трага. Последен пат била видена во Дебар Маало на пат кон училиштето „Јохан Хајнрих Песталоци“.