„Сакаме да ги продлабочиме односите со земјите со кои делиме исти ставови. Во вакви времиња на неизвесност, важно е да имаме пријатели“, вели претседателката на Европскиот парламент, откако вчера Канада беше повикана да стане првата придружна членка на ЕУ
Австралија и Нов Зеланд би можеле да го следат примерот на Канада и да станат следни придружни членки на Европската Унија – вели во интервју за „Еуроњуз“ претседателката на Европскиот парламент (ЕП), Роберта Мецола.

Мецола го опишува предложениот статус како нова опција помеѓу полноправно членство во ЕУ и кандидатски статус, иако неговата точна правна структура допрва треба да се дефинира. На прашањето како би изгледало придружното членство, шефицата на ЕП вели дека разговорите по однос на ова прашање сè уште се во рана фаза.
„Сакаме да ги продлабочиме односите со земјите со кои делиме исти ставови. Во вакви времиња на неизвесност, важно е да имаме пријатели“,
вели Мецола и додава дека и други земји би можеле да побараат сличен вид партнерство со ЕУ.
Европската Унија веќе има трговски договори со Австралија и Нов Зеланд, што е потенцијална почетна точка за поблиска соработка. Претходно вчера, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во својот годишно обраќање рече дека Европската Унија сака итно да ги редефинира и да ги подигне на највисоко можно ниво односите со Канада, предложувајќи ѝ на земјата да стане првата придружна членка на ЕУ.
Американскиот претседател Доналд Трамп го оцени како „непријателски чин“ предлогот Канада да стане придружна членка на ЕУ, посочувајќи дека доколку тоа се случи, САД би можеле да воведат многу високи царини или целосно да ја прекинат трговијата со Европа.
