Кристијан Вигенин, од БСП, кој е номиниран за претседател бугарскиот парламент, пред неуспешното гласање утринава изјави дека ова е последното гласање за претседател на кое учествува. Тоа, како што пишува порталот „Медиапул“, значи дека штом и ова гласање е неуспешно тој повеќе нема да учествува. Доколку не се предложат нови кандидати, остануваат само Цвета Рангелова од Преродба и Јордан Цонев од ДПС
Првата седница на бугарското 48. Народно собрание продолжува трет ден, а пратениците сè уште не можат да најдат мнозинство за избор на претседател на парламентот. Утринава се одржа петтата по ред постапка за избор на шеф на Народното собрание, но и таа беше неуспешна, јавува порталот „Медиапул“.
Така, работата на Народното собрание е целосно блокирана бидејќи првата седница не може да се затвори додека не се избере претседател на парламентот, а пратениците можат да се занимаваат само со оваа тема, но не и со создавање комисии и разгледување на законите.
Во моментов седницата ја води најстариот пратеник Вежди Рашидов, кој пред еден ден беше предложен од ГЕРБ за редовен претседавач, наводно како консензус, но не собра поддршка и самиот ја повлече номинацијата. Тој објасни дека се повлекува и би бил среќен доколку пратениците го изберат претседателот на Народното собрание.
Кандидати за функцијата спикер на парламентот беа заменик-претседателот на ДПС, Јордан Цонев, социјалистот Кристијан Вигенин и Цвета Рангелова од Преродба. Цонев и Вигенин влегоа во втор круг, но повторно никој не доби 121 глас. За Цонев гласале 103 пратеници, а за Вигенин 75.
Пратениците на Бугарски подем не влегоа во пленарната сала.
„Ситуацијата станува безнадежна“,
изјави претседавачот со парламентот Вежди Рашидов.
Кристијан Вигенин, од БСП, кој е номиниран за претседател бугарскиот парламент, пред неуспешното гласање утринава изјави дека ова е последното гласање за претседател на кое учествува. Тоа, како што пишува „Медиапул“, значи дека штом и ова гласање е неуспешно, тој повеќе нема да учествува.
Доколку не се предложат нови кандидати, остануваат само Цвета Рангелова од Преродба и Јордан Цонев од ДПС.