Членката на Извршниот одбор на СДСМ, Симона Цветановски, презентирајќи податоци од УЈП, рече дека 73 отсто од вработените во државата земаат плата која е под месечниот просек, а 50 проценти од работниците остваруваат месечни приходи меѓу 24 000 и 36 000 денари

Податоците на Управата за јавни приходи (УЈП) за 2025 година ја покажуваат вистинската слика за уривањето на животниот стандард на граѓаните по двегодишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ, обвини денеска членката на Извршниот одбор на СДСМ, Симона Цветановски.
Според партијата, огромно мнозинство од работниците во земјава преживуваат со примања кои се далеку под просечната плата и не можат да ги покријат основните месечни трошоци.
Цветановски, презентирајќи податоци од УЈП, рече дека 73 отсто од вработените во државата земаат плата која е под месечниот просек, а 50 проценти од работниците остваруваат месечни приходи меѓу 24 000 и 36 000 денари.
Кога овие примања, рече Цветановски, ќе се споредат со минималната потрошувачка кошничка која изнесува 70 000 денари, излегува дека на половина од вработените во земјава ниту две цели плати не им се доволни за да ги покријат основните животни трошоци.
„Ова е вистината. Најголем дел од граѓаните, од работниците едвај врзуваат крај со крај. Животот стана прескап. Кризата не стивнува“,
истакна Цветановски.
Според опозициската СДСМ, најавеното поскапување на горивата ќе предизвика нов ценовен удар и дополнително ќе ги покачи цените на храната, за која велат дека веќе е луксуз.
Од СДСМ ја обвинија владата предводена од Христијан Мицкоски дека директно ги води семејствата во сиромаштија со тоа што го прекинала континуираниот раст на платите и одбива да ја покачи минималната плата на 600 евра, принудуваќи ги родителите да кратат од основните потреби за своите деца.
