„На средбата ја потврдивме одличната билатерална соработка меѓу двете земји и се согласивме дека во периодот што следи треба да работиме на целосно искористување на потенцијалите за унапредување на политичкиот дијалог, како и на соработката во областа на економијата, трговијата и инвестициите. Разговаравме и за безбедносната соработка, борбата против тероризмот, радикализацијата, хибридните закани и другите современи безбедносни предизвици“, напиша министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски во објава на Фејсбук

Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски во објава на Фејсбук информираше дека остварил работна средба со министерот за надворешни работи на Израел, Гидеон Саар.
Средбата се одржала на маргините на министерскиот состанок посветен на заканите од подемот на политичкиот тероризам што се одржува во Вашингтон.
„На средбата ја потврдивме одличната билатерална соработка меѓу двете земји и се согласивме дека во периодот што следи треба да работиме на целосно искористување на потенцијалите за унапредување на политичкиот дијалог, како и на соработката во областа на економијата, трговијата и инвестициите. Разговаравме и за безбедносната соработка, борбата против тероризмот, радикализацијата, хибридните закани и другите современи безбедносни предизвици“,
напиша Муцунски.
Министерот додаде дека со својот израелски колега размениле мислења и за актуелните меѓународни случувања, со посебен осврт на состојбите на Блискиот Исток, како и за досегашната соработка и меѓусебната поддршка во рамки на мултилатералните организации.
Муцунски учествува на министерскиот состанок на покана на државниот секретар на Соединетите Американски Држави (САД), Марко Рубио.
