Политички мотивираниот тероризам не смее да остане слепа точка во нашата заедничка безбедносна архитектура, вели министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски

На покана на државниот секретар на САД, Марко Рубио, министерот за надворешни Тимчо Муцунски учествувал и се обратил на министерскиот состанок посветен на заканите од подемот на политичкиот тероризам.
Средбата се одржа во Вашингтон, а учествувале претставници на 60 земји.
„Заедно со високи претставници од повеќе од 60 држави, разговараме за зајакнување на меѓународната соработка и институционалната подготвеност за справување со новите безбедносни предизвици. Политички мотивираниот тероризам не смее да остане слепа точка во нашата заедничка безбедносна архитектура. Современите закани бараат координиран одговор, силни институции, цврсти партнерства и целосно почитување на владеењето на правото“,
објави Муцунски.
Шефот на дипломатијата состанокот го оценува како значаен за продлабочување на соработката со САД и другите меѓународни партнери.
„Настанот е значајна можност за продлабочување на соработката со САД и другите меѓународни партнери, преку поефикасна размена на безбедносни и оперативни информации и координиран пристап“,
вели Муцунски.
