Петкоска, обраќајќи ѝ се на Тренчевска, рече дека скокала како кокошка, што предизвика бурни реакции кај присутните на расправата
Тренчевска, пак, на својот фејсбук-профил објави видео од обраќањето на Петкоска, посочувајќи дека навредливиот коментар претставува непристојно однесување недолично за Собранието, како храм на демократијата
Пратеничката на опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) реагира на изјавата на пратеничката на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Лидија Петкоска, која на комисиска расправа во Собранието ѝ упати навредлив коментар.

Петкоска, обраќајќи ѝ се на Тренчевска, рече дека скокала како кокошка, што предизвика бурни реакции кај присутните на расправата.
„Само два аргументи за колешката Јованка Тренчевска, која скокаше тука како кокошка …“,
кажа пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ во дел од излагањето.
Тренчевска, пак, на својот фејсбук-профил објави видео од обраќањето на Петкоска, посочувајќи дека навредливиот коментар претставува непристојно однесување недолично за Собранието, како храм на демократијата.
„Во недостиг на аргументи се служиш со агресија и навреди. Непристојно однесување за храмот на демократијата“,
напиша пратеничката на СДСМ во реакцијата на Фејсбук.
По ваквиот развој на настаните, дел од пратениците потсетија дека пред само неколку дена го потпишале Кодексот на однесување на пратениците во Собранието, кој има за цел да придонесе за поголема култура и почит во парламентарната комуникација.
Тренчевска вечерва во гостување на ТВ Сител, одговарајќи на новинарско прашање за навредите во Собранието, од кои и самата била дел, оцени дека ваквата комуникација составена од навреди и понижувања не доликува на храмот на демократијата, односно на Собранието.
„Во изминатиот период од премиерот гледаме изјави и навреди кон мои колеги и кон претседателот на СДСМ и кон пратениците. Очигледно колегите од мнозинство се охрабрени од својот претседател и ги продолжуваат навредите кон нас од опозицијата. Најтрагично е што неодамна го потпишавме и го промовиравме Етичкиот кодекс кој децидно забранува вакво однесување“,
рече пратеничката.
Ова не е првпат во Собранието за време на расправите пратениците да си упатуваат навреди.
Во понеделникот од пратеничката група на СДСМ соопштија дека кандидатот за министер за локална самоуправа Иван Стоилковиќ за време на расправата за предлогот за реконструкција на Владата упатил навреди кон двајца нивни пратеници, Фатмир Битиќи и Митко Трајчулески.
Дополнително, координаторот Оливер Спасовски рече дека е доволно да се видат двете реплики на премиерот Христијан Мицкоски, кој, како што додаде, им се обраќа на пратениците нарекувајќи ги „мизогени“ и „палири“.
Упати критики и до собранискиот спикер Африм Гаши поради неговото молчење и отсуство на реакција на случувањата во законодавниот дом.
Потоа во знак на револт, поради тоа што не добија извинување од кандидатот за министер Иван Стоилковиќ, пратениците на СДСМ, Демократската унија за интеграција (ДУИ) и Алијансата за Албанците ја напуштија седницата на која требаше да се изберат новите предлози за министри.
На крајот од расправата, премиерот Христијан Мицкоски упати извинување за, како што рече, денешните случувањата во Собранието и изрази надеж дека такви настани нема да се повторат.
„Како претседател на Владата, сакам да ви се извинам на вам, на пратениците и на граѓаните, што денеска бевме сведоци на овие настани и се надевам дека тоа никогаш повеќе нема да ни се повтори“,
рече тој.
