Според него, Гаши е должен да реагира бидејќи претседава со седницата, но и поради тоа што изнесените ставови не се во согласност со Деловникот и со Етичкиот кодекс што го усвоил Собранието
Реакцијата на Спасовски следува по расправата за предлогот Иван Стоилковиќ да биде министер за локална самоуправа, во која пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулески, оцени дека со неговото назначување „српскиот свет“ добива позиција на „губернатор“ во 80 општини. Потоа, премиерот Христијан Мицкоски го обвини СДСМ за двојни стандарди во односите со лидерот на Демократската партија на Србите во Македонија
Пратеничката група на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) попладнево свика вонредна прес-конференција во Собранието, на која координаторот Оливер Спасовски соопшти дека кандидатот за министер за локална самоуправа Иван Стоилковиќ за време на расправата за предлогот за реконструкција на Владата упатил навреди кон двајца нивни пратеници, Фатмир Битиќи и Митко Трајчулески.
Дополнително, рече дека е доволно да се видат двете реплики на премиерот Христијан Мицкоски, кој, како што додаде, се обраќа кон пратениците како „мизогени“ и како „палири“.

„Оваа прес-конференција ја свикавме во вонредни околности, затоа што она што се случи на седницата на Собранието е надвор од сите демократски критериуми, особено што доаѓа од страна на претседател на Владата и на кандидат за министер. Целата македонска јавност беше сведок на една огромна нервоза во моментите кога се разговара за дебаклот и за неуспесите во двете години на извршната власт. Клучно правило во демократијата е да ги чуете сите критики, сите слабости и од тоа да извлечете поука и, веројатно, да се подобрите“,
вели тој.
Оцени дека јавноста е сведок на огромна нервоза во моментите кога се говорело за, како што додаде, дебаклот и неуспесите на извршната власт во изминатите две години.
„Тоа претставува говор на омраза што може да роди насилство. И тоа што следеше по прекинување на седницата беше вистински напад, не само вербален од страна на кандидатот за министер Иван Стоилковиќ, кој се нафрли врз двајцата пратеници, не само физички, вербално, туку и со пцости. Мислам дека тоа не доликува на кандидат за министер, кој треба ова Собрание да го избере“,
рече Спасовски на прес-конференцијата во Собранието.
Според него, случувањата во овие две години, како лошата економска состојба, катастрофите во земјоделството, лошите социјални политики, стопирањето на европскиот пат не може да се анулираат преку напади кон опозицијата ниту, пак, преку напади кон пратениците.
Спасовски упати критики и до собранискиот спикер Африм Гаши поради неговото молчење и отсуство на реакција на случувањата во законодавниот дом.
„Особено ме загрижува молчењето на претседателот на Собранието Африм Гаши, кој немаше ниту една реакција, а беше должен да реагира затоа што претседава со седницата, затоа што тоа што беше кажано не е во рамките на нормите на Деловникот и затоа што Собранието едногласно донесе Етички кодекс, со кој се пофалија, или ако сакате, се пофаливме сите ние“,
рече тој.
Според него, Гаши е должен да реагира бидејќи претседава со седницата, но и поради тоа што изнесените ставови не се во согласност со Деловникот и со Етичкиот кодекс што го усвои Собранието.
„Етичкиот кодекс не може да важи само за пратениците во Собранието. Тој треба уште повеќе да важи за гостите во овој законодавен дом, а тоа се претседателот на Владата, членовите на Владата и сите оние што ги избира Собранието. Тие еднаш засекогаш мора да запаметат дека мора да бидат одговорни пред оние што ги избираат, односно на тој начин да покажат дека се одговорни пред граѓаните, бидејќи пратеникот е претставник на граѓаните“,
кажа координаторот на пратеничката група на СДСМ.
Побара извинување за упатените навреди и посочи дека никој не заслужува да биде навредуван ниту, пак, треба кон некого да се упатуваат закани и пцости.
„Тоа како реакција го бараме од страна на претседателот на Собранието, за да покаже дека е прв меѓу еднаквите“,
кажа Спасовски.
Реакцијата на Спасовски следува по расправата за предлогот Иван Стоилковиќ да биде министер за локална самоуправа, во која пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулески, оцени дека со неговото назначување „српскиот свет“ добива позиција на „губернатор“ во 80 општини.

Трајчулески се осврна и на предлогот Борче Серафимовски да биде министер за земјоделство и посочи на неговото учество на настан поврзан со фондацијата „Руски мир“.
Според него, реконструкцијата на Владата претставува признание дека не биле исполнети ветувањата дадени пред граѓаните.
Потоа, премиерот Христијан Мицкоски, пак, ги отфрли критиките на опозицијата поврзани со наводите за таканаречен „српски свет“, обвинувајќи го СДСМ за двојни стандарди во односите со лидерот на Демократската партија на Србите во Македонија, Иван Стоилковиќ.

Во обраќањето, Мицкоски рече дека СДСМ во периодот додека бил на власт имал поинаков однос кон Стоилковиќ и потсети на неговата поддршка во процесот за промена на името.
„Не ви сметаше да трчате на Бања да го убедувате и да нудите сѐ и сешто за да гласа за промена на името. Тогаш не ви сметаше Иван Стоилковиќ? Е, оваа влада има поинаков став за сите тие прашања затоа што има карактер и затоа што е навистина горда и достоинствена. Не ви сметаше да трчате на Бања да го убедувате и да нудите сè и сешто за да гласа за промена на името. Не ви сметаше кога трчавте по Скопје и по Куманово да го молите, да коленичите пред Иван Стоилковиќ да гласа за промена на името? И знам дека ве одби човекот затоа што има карактер, има достоинство. И сега се обидувате, би рекол, во политички деминутив да му се обраќате на него и на владата којашто ја предводам јас“,
рече Мицкоски од собраниската говорница.
Премиерот рече дека реконструкцијата на Владата носи нова енергија, ново темпо и уште поголема одговорност.
Претходно, Собранието на предлог на премиерот во рамките на реконструкцијата на Владата ги разреши министрите: за правда – Игор Филков; за земјоделство, шумарство и водостопанство – Цветан Трипуновски, за односи меѓу заедниците – Игор Стоилковиќ; за здравство – Азир Алиу, за култура и туризам – Зоран Љутков, за социјална политика, демографија и млади – Фатмир Лимани, за локална самоуправа – Златко Перински, како и Шабан Салиу од функцијата министер без ресор. Разрешени се и заменик-министрите за социјална политика, демографија и млади и за култура и туризам, Ѓоко Велковски и Седат Сулејмани.
