„Тие (демократите) го покриваат Бајден, но станува сè потешко да се прави тоа. Тој сè уште е во трка поради неговото его и не сака да се откаже“, вели републиканскиот кандидат за иден претседател
Поранешниот претседател и републикански кандидат за иден шеф на САД, Доналд Трамп, денеска изјави дека очекува актуелниот американскиот претседател Џо Бајден да остане во претседателската трка и покрај повиците на Демократската партија да се повлече и да го замени со помлад кандидат.

Трамп оцени дека Бајден нема да се повлече токму како што рече поради неговото его.
„Тие (демократите) го покриваат Бајден, но станува сè потешко да се прави тоа. Тој сè уште е во трка поради неговото его и не сака да се откаже“,
рече Трамп.
Трамп, исто така, процени дека доколку Бајден се повлече на негово место ќе дојде потпретседателката на САД, Камала Харис.
Според него, демократите не можат да го отстранат Бајден доколку тој самиот не го направи тоа. Посочи и дека не можат да се повикаат на 25-тиот амандман на Уставот, според кој, потпретседателот и мнозинството од кабинетот на претседателот можат да гласаат дека тој е неспособен да служи, со штo би се назначил потпретседателот за вршител на должноста претседател.
Повиците Бајден да се повлече од претседателската трка следуваат по неговите лоши перформанси во дебатата со Трамп на 27 јуни.
Според американските медиуми, четворица високопозиционирани искусни функционери на Демократската партија сакаат нивниот сопартиец Џо Бајден да се повлече од кандидатурата за претседател на САД на изборите кои ќе се одржат во ноември годинава.
Кандидатот и воедно актуелен претседател на САД, Џо Бајден, повторува дека нема намера да ја напушти трката. Иако и самиот посредно призна дека му е тешко физички да ја издржи напорната кампања, со тоа што ја извести партијата дека ќе нема митинзи подоцна од 20 часот зашто му е потребен одмор.