Првата опција е Џо Бајден самиот да ја повлече кандидатурата за претседател на Соединетите Американски Држави. Но, тоа изгледа се поневеројатно, особено по неговата изјава од викендот дека само „семоќниот господ“ може да му каже да го стори тоа
Другата опција е мнозинството од делегатите на Демократската национална конвенција да одлучат да не гласаат за Џо Бајден да биде кандидат за претседател, иако се обврзале на такво нешто бидејќи тој победил во сојузните држави што ги претставуваат тие делегати. Тоа не се случило досега, но теоретски е возможно

Четворица високопозиционирани искусни функционери на Демократската партија сакаат нивниот сопартиец Џо Бајден да се повлече од кандидатурата за претседател на САД на изборите кои ќе се одржат во ноември годинава, јавија повеќе реномирани американски медиуми.
Кандидатот и воедно актуелен претседател на САД, Џо Бајден, повторува дека нема намера да ја напушти трката. Иако и самиот посредно призна дека му е тешко физички да ја издржи напорната кампања, со тоа што ја извести партијата дека ќе нема митинзи подоцна од 20 часот зашто му е потребен одмор.
Со многу малку време до Националната конвенција на Демократската партија, на која формално ќе биде изберан кандидатот за претседател, американските гласачи се прашуваат дали има доволно време Бајден да ја врати довербата што ја изгуби со настапот во првата телевизиска дебата со кандидатот на Републиканската партија, Доналд Трамп. Но, некои се прашуваат и дали има можност и време демократите да изберат друг кандидат?
Што велат анкетите?
Ако има нешто што остави впечаток во хаотичната претседателска дебата на 27 јуни, тоа е дека на американските гласачи им стана јасно оти возраста на Џо Бајден е важна. Тој едвај успеа да ги помине 90-те минути без да пелтечи, да зборува изнемоштено и генерално да изгледа збунето.
Анкетите на „Си-би-ес“ пред дебатата покажуваа дека над 35% од гласачите веруваат дека Бајден е „ментално и когнитивно здрав за да ја извршува функцијата претседател“. По дебатата, тој процент падна на 27%. Друга анкета на „Си-би-ес“ покажа дека 45% од регистрираните гласачи на Демократската партија не веруваат оти тој треба да биде кандидат за уште еден мандат.
Па, што значи ова за Демократската партија? Дали постои начин Бајден да биде сменет како кандидат и покрај неговата функција и проблематичниот тајминг? Краткиот одговор е – да. Долгиот одговор е – комплицирано е.
Сценарио 1: Бајден се повлекува пред конвенцијата
Најдиректниот пат до нов кандидат за претседател на САД од редовите на Демократската партија е, едноставно, Бајден сам да се откаже или да се пензионира пред да се одржи Демократската национална конвенција (ДНК). Во рамките на Демократската партија нешто слично се има случено само еднаш, во 1968 година. Тогашниот претседател Линдон Б. Џонсон не ги прифати гласовите на делегатите и целосно ја напушти трката за претседастел. Наместо него, на крај, беше номиниран Хјуберт Хемфри, неговиот потпретседател.
По таа аналогија, потпретседастелката Камала Харис би требало да биде првиот избор за кандидат за претседател на демократите, ако Бајден се откаже. Но, таа не е единствениот потенцијален претендент, па ако Бајден се откаже, очекуван е внатрешен судир околу тоа кој да му конкурира на Доналд Трамп. Покрај Харис, во игра се и гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, и гувернерката на Мичиген, Гречен Витмер.

Сепак, ова сценарио засега е малку веројатно. Додека дел од медиумите објавија неофицијални информации дека Џо Бајден разговарал на тема пензионирање со неговото семејство во резиденцијата Кемп Дејвид, неговата администрација ги отфрли тие гласини на митинг во Атланта.
А и самиот Бајден викендот кажа дека само „семоќниот“ може да го премисли.
„Видете, ако господ семоќниот слезе и рече: ’Џо, излези од трката’, јас ќе излезам од трката. Господ семоќниот не слегува“,
кажа Бајден за „Њујорк тајмс“.
Доколку Бајден, сепак, се повлече, извесно е дека републиканците ќе поднесат тужба против демократите затоа што го менуваат кандидатот толку нагло и толку доцна во процесот. Многу експерти сметаат дека таква тужба не би имала силна основа бидејќи партиите се задолжени за изборот на нивните кандидати.
Сценарио 2: Делегатите го пензионираат Бајден
Својот претседателски кандидат Демократската партија го бира на конвенција на која оваа година ќе гласаат 3 939 делегати. За избор, на Бајден му се потребни 1 976 гласа. Најголем дел од тие делегати, односно 3 896, се обврзани да го номинираат Бајден на претстојната Национална конвенција затоа што тој победи на внатрепартиските избори кои се одржуваат во секоја американска држава.

Но, правилата на Демократската национална конвенција имплицираат дека „обврската“ преземена од делегатите не е „запишана во камен“. Поточно: „Сите делегати на Националната конвенција што се залагаат за одреден претседателски кандидат со сета чиста совест ќе ги одразуваат чувствата на оние што ги избрале”. Значи, потенцијално, делегатите би можеле да го прекршат ветувањето, па да гласаат со „лоша“, наместо со чиста совест. Така, сепак, ризикуваат да бидат отстранети од партијата за во иднина.
Со оглед на тоа што за избор, но и за смена на Бајден, се потребни 1 976 делегати, малку е веројатно дека тоа навистина и ќе се случи. Историски, само 0,38% од делегатите се покажале неверни кон своите гласачи, односно гласале за друг кандидат, а не за оној кој победил во нивната држава. Толку масовен бран, од околу 50% „неверни делегати“, е речиси неверојатен.
Меѓутоа, ако тоа сепак се случи, во равенката ќе се вклучат и суперделегатите. Тие се 739 на број во Демократската партија и се во суштина необврзани електори со право на глас. Но, само во случај на нерешен исход при првото гласање. Значи, ако на конвенцијата во август, 1 976 од ветените делегати на Бајден го напуштат и гласаат за некој друг, тогаш суперделегатите ќе бидат тие што ќе одлучат кој ќе биде номиниран.
Улогата на делегатите обврзани да го поддржат Бајден изгледа многу поинаква ако тој навистина се откаже. Иако не постојат конкретни правила за тоа кого треба да поддржат, општиот договор е дека се слободни да гласаат за кого сакаат. Во таков случај, Бајден би можел да ги поттикне да ја фаворизираат Харис или друг конкретен кандидат.

Сценарио 3: Бајден се повлекува по конвенцијата
И додека правилата на ДНK се појасни во ваква ситуација (Бајден да се повлече по конвенцијата), тие се потешки за маневрирање. ДНК, демократските лидери во Конгресот и Демократската асоцијација на гувернери (ДАГ) треба да работат заедно и многу брзо за да најдат замена. Државите како Охајо или Колорадо бараат имињата на кандидатите да се знаат порано за да можат да ги испечатат гласачките ливчиња за претседателските избори. А тајмингот ќе и отежне на партијата да организира кампања и да им го претстави новиот кандидат на своите гласачи.
Кои се другите проблеми ако Бајден биде сменет?
Наизглед постои консензус меѓу историчарите и политичките аналитичари кои деновиве го изразуваат своето мислење на медиуми како Си-ен-ен и „Хил“, дека замената на Бајден доцна во изборниот процес ќе доведе само до хаос и ќе им наштети на шансите на демократите да останат во Белата куќа. Главната причина, според ваквите коментари, е тајмингот. Трамп имаше четири години да го обнови имиџот и да ги мобилизира поддржувачите, а новиот демократски кандидат би имал само четири месеци.
Едно од логичните прашања е зошто демократите чекаа толку долго за да бараат нов кандидат? Поплаките за возраста и когнитивните способности на Бајден не се воопшто нови. Овде на сцената стапува Алан Лихтман, историчар и професор на Американскиот универзитет. Тој е познат по создавањето модел за предвидување избори со стапка на успех од 90%. Лихтман за „Си-ен-ен“ изјави дека Бајден е единствената опција на демократите поради тоа што исполнува два клучни критериуми со тоа што е „натпреварувач“ и што веќе ја извршувал должноста претседател. Бидејќи Бајден ги помина прелиминарните избори во партијата без голема конкуренција, тој ја освои првата категорија – натреварувачката. Ако демократите се обиделе да го заменат порано, според Лихтман, тој би ја загубил јавната репутација како натпреварувач ако обидот не успеел.
Дополнително, демократите губат огромна предност поради фактот што Бајден е актуелен претседател на САД. Само 10 од 45-темина американски претседатели кои се кандидирале не освоиле втор мандат. Тоа докажува дека актуелната функција е клучен фактор што треба да се земе предвид. Кандидирањето на некој како Гевин Њусом, Гречен Витмер или дури и потпретседателката Камала Харис, би ја одземало таа значајна предност.

Во медиумите, сепак, има и многу гласови кои повикуваат на смена на Бајден. Меѓу причините што ги спомнуваат тие аналитичари се дека така демократите ќе имаат кандидат кој е помлад и не толку контроверзен кај младите гласачи. Начинот на кој Бајден се справува со израелско-палестинскиот конфликт одби многумина од нив. Секако, тука се и повиците дека е потребен кандидат кој нема да биде оспоруван во однос на неговото здравје.
Сумирано, постојат начини Бајден да не биде кандидат на Демократската партија за претседател на САД. Но, тие се неверојатно комплицирани. А и со затворањето на еден „проблем“, се отвораат многу други во пресрет на изборите во ноември.