Доскорешниот американски претседател излезе на сцената во неделата вечерта, на Конференцијата за конзервативна политичка акција што се одржа во Орландо, во услови кога е дискутабилна неговата политичка иднина
Доскорешниот американски претседател Доналд Трамп, во вчерашниот говор на конференцијата за Конзервативна политичка акција, навести кандидатура за Белата куќа во 2024 година и ги повтори своите тврдења дека демократите ги украле изборите во 2020 година.
Тоа беше негов прв позначаен јавен настап по напуштањето на функцијата. Трамп им порача на своите приврзаници дека може да го победи Бајден во 2024 година.
Доскорешниот американски претседател излезе на сцената во неделата вечерта, на Конференцијата за конзервативна политичка акција што се одржа во Орландо, во услови кога е дискутабилна неговата политичка иднина.
Си-ен-ен наведува дека Трамп се обидел да го врати своето влијание во Републиканската партија, пред меѓуизборите во 2022 година.
„Далеку од тоа дека нашето неверојатно патување ќе заврши. Ќе победиме, а Америка ќе биде посилна и поголема од порано“,
рече Трамп.
Како што се наведува, иако има истакнати критичари во партијата, повеќето републиканци застанаа на страната на Трамп за време на конференцијата во Орландо, додека државните и локалните партиски претставници почнаа да ги осудуваат републиканските пратеници кои го поддржаа неговото отповикување.
Трамп (74) ја напушти Белата куќа на 20 јануари, непосредно пред инаугурацијата на новиот претседател Џо Бајден. Тој преживеа сослушување за импичмент во Сенатот откако Претставничкиот дом изгласа одговорност за насилниот обид за упад во зградата на Конгресот на 6 јануари. Трамп постојано ја отфрли валидноста на изборите што ги загуби, пишува „Дојче веле“.
Како што се посочува, Републиканската партија се бори со наследството на Трамп. Партиската база во голем дел му е и натаму лојална, но некои ги доведоа во прашање неговите шанси да победи на избори доколку повторно се кандидира во 2024 година.