На својата социјална мрежа „Трут Соушл“, новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп напиша – „Да го спасиме Тик-ток“
Апликацијата Тик-ток од денеска не е достапна за над 170 милиони американски корисници поради законот кој стапи во сила денеска, а со кој се предвидува суспензија на работата на популарната кинеска компанија со образложение дека таа ја загрозува националната безбедност на Соединетите Американски Држави.
Но, на само еден ден пред инаугурацијата, новиот американски претседател Доналд Трамп, преку својата социјална мрежа „Трут Соушл“ повика на акција за „спас“ на Тик-ток. Тој и претходно рече дека по преземањето на функцијата ќе се обиде да обезбеди одложување на важноста на законот за деведесет дена.
Оваа информација Трамп ја дал во интервју за „Ен-би-си њуз“ велејќи дека сè уште не ја донел конечната одлука.
„Ако одлучам да го направам тоа, веројатно ќе го објавам во понеделник“,
додава тој.
Тој кажа дека тоа е важна ситуација, која мора внимателно да се разгледа.
„Мислам дека тоа би било, секако, опција што ја разгледуваме. Продолжувањето од 90 дена е нешто што најверојатно ќе се направи, бидејќи е соодветно. Знаете, тоа е соодветно. Мора да го погледнеме внимателно. Тоа е многу голема ситуација“,
рече Трамп во интервјуто.
Според законот, кинеската компанија „Бајтденс“ треба да го продаде американскиот бизнис на својата популарна социјална мрежа Тик-ток до 19 јануари или во спротивно апликацијата ќе биде забранета во Америка.
Законот за забрана на Тик-ток беше усвоен со големо двопартиско мнозинство во Конгресот минатата година и беше потпишан од американскиот претседател Џо Бајден.
Сега Врховниот суд заклучи дека законот не го прекршува првиот амандман од американскиот устав, кој ја штити слободата на говорот.
Од компанијата објавија дека крајот на функционирањето на апликацијата Тик-ток во САД е речиси сигурно. Во објава на социјалната мрежа Икс оттаму велат дека иако нивната борба против законот што Конгресот го донесе во март 2024 година во име на заштитната национална безбедност, а кој Врховниот суд на САД одби да го запре, трае неколку месеци, сепак доколку нема новости во текот на денешниот ден, апликацијата ќе престане да функционира на американска почва.