Ваквиот развој на настаните следува откако американскиот Врховен суд одлучи да не го запре законот донесен од Конгресот во март минатата година, со кој од кинеските сопственици „Бајтденс“ се бара апликацијата Тик-ток да биде продадена на американска подружница или во спротивно ќе биде забранета
Крајот на функционирањето на апликацијата Тик-ток во Соединетите Американски Држави е речиси сигурно, објави компанијата која стои зад популарната апликација за споделување видеа. Во објава на социјалната мрежа Икс оттаму велат дека иако нивната борба против законот што Конгресот го донесе во март 2024 година во име на заштитната национална безбедност, а кој Врховниот суд на САД одби да го запре, трае неколку месеци, сепак доколку нема новости во текот на денешниот ден, апликацијата ќе престане да функционира на американска почва.
„Тик-ток, за жал, ќе биде принуден да ја прекине работата во САД на 19 јануари, освен ако администрацијата на Џо Бајден не се погрижи да не се спроведе законот со кој се забранува платформата во САД ако неговиот кинески сопственик не се согласи да ја продаде“,
велат од Тик-ток.

Инаку, Законот што беше донесен од страна на Конгресот му наложува на кинескиот сопственик на апликацијата „Бајтденс“ да ја продаде американската подружница на Тик-ток или во спротивно апликацијата да биде забранета. Врховниот суд вчера, иако призна дека Тик-ток е важно средство за изразување за над 170 милиони Американци, ја поддржа одлуката на Конгресот и изрази загриженост за националната безбедност.
Белата куќа сугерира дека спроведувањето на законот ќе биде препуштено на следната администрација на Трамп, а американското Министерство за правда укажа дека ќе биде потребно време за спроведување на законот. Новоизбраниот претседател Доналд Трамп, пак, претходно изрази поддршка за задржување на Тик-ток во САД, но неговата жалба до Врховниот суд беше неуспешна.