Тој им наложил на потпретседателот Џеј-Ди Венс и државниот секретар Марко Рубио, како и на началникот на Здружениот штаб, Ден Разин Кејн, да работат со двете страни со цел постигнување трајно мировно решение
Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека е постигнат десетдневен прекин на огнот помеѓу Израел и Либан, кој треба да стапи во сила денеска во 23 часот по средноевропско време, пренесува Си-ен-ен.

Оваа информација тој ја сподели на неговата социјална мрежа Трут соушл, посочувајќи дека претходно остварил разговори со либанскиот претседател Џозеф Аун и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, при што двајцата лидери се согласиле да започне десетдневен прекин на огнот како чекор кон постигнување траен мир.
„Тукушто имав одлични разговори со високопочитуваниот претседател Џозеф Аун од Либан и премиерот Биби Нетанјаху од Израел. Овие двајца лидери се согласија дека за да се постигне мир меѓу нивните земји, тие формално ќе започнат десетдневен прекин на огнот во 17 часот по источно време“,
напиша Трамп на Трут соушл.
Тој додаде дека им наложил на потпретседателот Џеј-Ди Венс и државниот секретар Марко Рубио, како и на началникот на Здружениот штаб, Ден Разин Кејн, да работат со двете страни со цел постигнување трајно мировно решение.
„Ги наложив потпретседателот Џеј-Ди Венс и државниот секретар Рубио, заедно со началникот на Здружениот штаб, Ден Разин Кејн, да работат со Израел и Либан за да постигнат траен мир“,
вели тој.
Трамп ја заврши објавата во оптимистички тон, истакнувајќи:
„Ми беше чест да придонесам за решавање на девет конфликти ширум светот, а ова ќе биде мојот десетти. Затоа, ајде да го направиме тоа!“.
Објавата на Трамп доаѓа откако претставниците на Израел и Либан пред два дена се сретнаа во Вашингтон, што беше нивна прва официјална средба по 34 години.
Домаќин на состанокот беше американскиот државен секретар Марко Рубио.
Висок израелски функционер во изјава за „Ројтерс“ изјави дека вчера израелскиот кабинет се состанал за да разговара за евентуално примирје во соседен Либан. Исто така, и двајца високи либански функционери изјавиле дека се информирани оти во тек се напори за примирје, но немаат дополнителни детали за тоа колку долго ќе трае или кога ќе биде објавено.
