На Самитот во Анкара, американскиот претседател рече оти е оптимист и дека има реални шанси војната во Украина наскоро да заврши
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, упати остри критики кон НАТО по пристигнувањето во Анкара за Самитот на Алијансата. За време на говорот пред новинарите, Трамп рече дека е многу разочаран од НАТО, тврдејќи дека сојузниците не ги поддржале САД во нивните акции против Иран.

Американскиот претседател нагласи дека САД инвестирале билиони долари во одбрана на земјите членки на НАТО, но не ја добиле очекуваната поддршка од своите сојузници.
„Ќе видиме. Бев многу разочаран од НАТО. Искрено, ако самитот не се одржеше во Турција, каде што мојот пријател е многу силен лидер, можеби немаше да присуствувам. Вложивме билиони долари за да ги одбраниме Европа, Канада и другите земји. Би очекувале тие да бидат спремни да ни помогнат, но всушност не беа“,
рече Трамп.
Запрашан за војната во Украина, Трамп рече дека имал многу добар разговор со рускиот претседател Владимир Путин и изрази увереност дека конфликтот би можел наскоро да заврши.
„Мислам дека ќе го решиме. Се надевам дека ќе има решение многу наскоро“,
додаде Трамп.
В среда, на маргините на Самитот на НАТО во Анкара, се очекува Трамп да оствари средба и со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
