Говорејќи заедно со францускиот претседател Емануел Макрон пред самитот на Г7 во Франција, тој рече дека сè уште не одлучил дали лично ќе присуствува на потпишувањето, но потврди дека таму ќе биде американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс
Договорот предвидува повторно отворање на Ормускиот Теснец, еден од најважните светски поморски коридори за транспорт на нафта, како и продолжување на примирјето за дополнителни 60 дена. Во тој период треба да се решат најчувствителните прашања, меѓу кои и иднината на иранската нуклеарна програма
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека договорот меѓу Соединетите Американски Држави (САД) и Иран е целосно потпишан, најавувајќи дека неговата содржина ќе биде објавена по официјалната церемонија закажана за петок во Женева, пренесува Би-би-си.

Говорејќи заедно со францускиот претседател Емануел Макрон пред самитот на Г7 во Франција, Трамп рече дека сè уште не одлучил дали лично ќе присуствува на потпишувањето, но потврди дека таму ќе биде американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс.
„Многу сум среќен што можам да кажам дека договорот е целосно потпишан. А Ормускиот Теснец, како што знаете, веќе е делумно отворен. Во петок ќе биде целосно отворен“,
рече тој.
Претходно, Венс соопшти дека договорот е електронски потпишан во неделата од страна на Трамп и од претседателот на иранскиот парламент Мохамед Багер Галибаф.
Според Трамп, текстот на меморандумот за разбирање веројатно ќе биде објавен веднаш по официјалното потпишување.
Посочи и дека евентуалното ублажување на санкциите кон Техеран ќе зависи од однесувањето на иранските власти и од исполнувањето на преземените обврски.
Договорот предвидува повторно отворање на Ормускиот Теснец, еден од најважните светски поморски коридори за транспорт на нафта, како и продолжување на примирјето за дополнителни 60 дена. Во тој период треба да се решат најчувствителните прашања, меѓу кои и иднината на иранската нуклеарна програма. Сепак, сè уште не е јасно кој ќе има контрола врз Теснецот во иднина. Иран смета дека излегол како победник од конфликтот и бара признавање на својот суверенитет врз целиот или дел од овој стратешки важен воден пат.
Венс изјави дека конечниот договор би можел да му овозможи на Иран пристап до фонд за обнова вреден до 300 милијарди долари, финансиран од арапските земји од Персискиот Залив, доколку Техеран ги исполни обврските поврзани со откажувањето од нуклеарен материјал.
Во меѓувреме, ситуацијата останува чувствителна во Либан, каде што продолжуваат тензиите меѓу Израел и Хезболах. Иран инсистира договорот да подразбира прекин на непријателствата на сите фронтови, вклучително и во Либан, додека Израел, кој не учествуваше во преговорите, соопшти дека го задржува правото да дејствува против заканите од Хезболах.
Очекувањата за стабилизирање на состојбите веќе влијаеја врз светските пазари. Цените на нафтата значително паднаа поради надежите дека ќе се нормализира глобалното снабдување со енергенси, додека берзанските индекси забележаа раст.
САД и Израел ги почнаа воените операции против Иран на 28 февруари. Од април е во сила прекин на огнот, кој повремено беше прекршуван со ограничени судири и безбедносни инциденти.
