Поразително е што не може да се реализира едно од најкрупните изборни ветувањата на актуелниот градоначалник, критикува ексградоначалникот на Скопје
Поранешниот градоначалник на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Коце Трајановски, го критикува актуелниот градоначалник, Петре Шилегов, во врска со активностите околу Универзалната сала.
Трајановски вели дека му оставил на неговиот наследник готов проект со кој покрај реконструкција, била предвидена и надградба, проширување на капацитетите на салата, нови содржини и изградба на подземен паркинг простор.
„За жал и толку Шилегов не е способен да реализира. Секоја година излегуваа на помпезни прес-конференции, заедно со тогашниот министер за култура Алаѓозовски, дека кај и да е ќе почнат со реализација. Во нивната неспособност да го сработат ветеното кон скопјани, минатата 2020 година им текна да ја рушат Универзалната сала за да направеле, парк па откако цела јавност скокна се повлекоа од идејата и рекоа дека ќе ја реконструираат“,
пишува Трајановски на својот профил на Фејсбук.
По 3,5 години од мандатот на Шилегов, додава Трајановски, наместо да се најави изградба на нов објект или надградба на постоечкиот, Шилегов најавил најобична реконструкција на Универзалната сала. Тој вели дека и предвидените средства за оваа реконструкција во износ од 2 милиони евра не се од касата на Градот, туку се од Владата.
(ФОТО) Како ќе изгледа новото руво на Универзалната сала
„Единствена причина за ваквиот исход е во тоа што градската каса, поради недомаќинското работење на Шилегов, е целосна празна и тој не е способен да издвои и волку средства за најобична санација на стариот објект. Ова не е ништо друго освен очајнички обид на Заев да ја спаси политичката кариера на најнеспособниот градоначалник на Скопје во историјата на плурална Македонија“,
вели Трајановски.
Според него, поразително е што не може да се реализира едно од најкрупните изборни ветувањата на актуелниот градоначалник.