„На средбата се разговараше за можноста да се забрза динамиката на производство и испорака на обрасците и беше заклучено дека ќе бидат обезбедени континуитет и навремена испорака на обрасци за патни исправи за нареден период“, велат од МВР
Ќе биде обезбеден континуитет во производството и во навремената испорака на обрасци за патни исправи за наредниот период. Ова, како што денеска соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР), била главната тема на разговор на средбата во Атина меѓу министерот за внатрешни работи Панче Тошковски со Марк Џулиан Сиверт, претседател на бордот на директори на „Веридос“, компанијата која е задолжена за производство на обрасците за лични документи.
„На средбата се разговараше за можноста да се забрза динамиката на производство и испорака на обрасците и беше заклучено дека ќе бидат обезбедени континуитет и навремена испорака на обрасци за патни исправи за нареден период“,
велат од МВР.
Со ова, како што пишува во соопштението на МВР, се обезбедуваат услови за машините за производство на пасоши да работат без прекин и со полн капацитет и во мај и јуни.
Вкупниот број лични документи што треба да се заменат е некаде приближно околу два милиона, а нашата цел е да успееме да постигнеме бројка од 75 000 пасоши кои би се издавале на месечно ниво, вели министерот во интервју за МИА.
Тошковски пред една недела рече дека гледаат да дојдат на некоја максимална бројка од 3 300 пасоши коишто би се произведувале на ден. Тоа, според него, е максимална бројка ако се произведуваат пасоши без да има никаков застој во текот на денот.
„Негде приближно бројката што во континуитет ја имале како бројка за производство во Министерството е околу 50 000 пасоши на месечно ниво. Бројката што сакаме да ја достигнеме, реална бројка, е некаде околу 75 000 пасоши на месечно ниво“,
вели Тошковски.
На 4 март тој рече дека обрасци за печатење најверојатно ќе има за до почетокот на мај, но дека сака да обезбеди континуитет и очекува повторно да има достава на обрасци.
„Обрасци најверојатно ќе има до 8 мај, до избори или до првата недела од мај. Но, не сакам да го оставам истиот проблем што го затекнав првиот ден. Сакам да обезбедиме континуитет, да има повторно достава на обрасци. Имаме околу 400 илјади обрасци кои треба да се испорачаат до јуни. Целта е од тие 400 илјади да пуштат колку што можат порано, минимум сто илјади за да се задоволи динамиката и да не дојде до застој“,
изјави Тошковски.
Во февруари, како што објави Тошковски, издадени се 57 549 пасоши, во јануари таа бројка изнесувала 39 783, а во декември лани биле издадени 20 783 патни исправи.
„Зошто овие бројки не биле достигнати претходно е прашање што треба да биде одговорено од други, а во меѓувреме ние ќе продолжиме со работа и со изнаоѓање на решенија кои ќе придонесат за подобрување на сервисот кон граѓаните“,
вели тој.