„На почетокот ќе се работи во една смена бидејќи за толку имаме обучен кадар, а ќе можат да се опслужуваат по 250 до 300 луѓе. Потоа капацитетот ќе биде зголемен со воведување втора смена, но најголем проблем ни е тоа што имаме само две машини за печатење, а бројот на патни исправи што треба да се променат е околу 600 илјади“, вели Тошковски
Министерот за внатрешни работи во техничката влада Панче Тошковски најавува отворање нов пункт за вадење лични документи кој ќе се наоѓа во склоп на Центарот за обука во Идризово.
„Во пунктот ќе работат четири базни станици кои во Идризово се донесени од внатрешноста на државата. На почетокот ќе се работи во една смена, бидејќи за толку имаме обучен кадар, а ќе можат да се опслужуваат по 250 до 300 луѓе. Потоа капацитетот ќе биде зголемен со воведување на втора смена, но најголем проблем ни е тоа што имаме само две машини за печатење, а бројот на патни исправи што треба да се променат е околу 600 илјади“,
рече Тошковски во денешната утринската програма на „Слободен печат“.
Тој додава дека сега за промена на лични документи, од фотографирање до подигнување готова исправа, поминува околу месец и половина, додека за брза постапка тоа е околу 5-6 денови.
Според Тошковски, обрасци за печатење најверојатно ќе има за до почетокот на мај.
„Обрасци најверојатно ќе има до 8 мај, до избори или до првата недела од мај. Но, не сакам да го оставам истиот проблем што го затекнав првиот ден. Сакам да обезбедиме континуитет, да има повторно достава на обрасци. Имаме околу 400 илјади обрасци кои треба да се испорачаат до јуни. Целта е од тие 400 илјади да пуштат колку што можат порано, минимум сто илјади за да се задоволи динамиката и да не дојде до застој“,
изјави Тошковски.
Тој вели дека има околу 400 илјади обрасци кои треба да се испорачаат до јуни и додава дека целта е тие да се пуштат колку што може порано, минимум сто илјади за да се задоволи динамиката.
Тошковски вели дека веќе не се фотографираат по 50 илјади пасоши месечно, туку во февруари таа бројка стигнала до 75-80 илјади.
Министерот повторно упати апел до Собранието да се промени законската одредба која го регулира начинот на идентификација и начинот на гласање се со цел да можат 100 илјади граѓани да не го загубат правото на глас.
„Доколку не се промени законската одредба која што го регулира начинот на идентификација и начинот на гласање ќе имаме сериозен проблем, драконски ќе се прекрши правото на гласање. Овие 100 илјади луѓе кои немаат документ со новото уставно име се резиденти на Македонија, сите тие се со право на глас, немаат важечка лична карта, но имаат активен пасош со старото уставно име и во ваква ситуација испаѓа дека овие луѓе го губат правото на глас. Државата не е во можност да извади толкав број на документи бидејќи бројката реално е огромна“,
додаде Тошковски.
Тој вели дека МВР веќе има изготвено соодветна информација до Владата и рече дека ќе побара уште утре да биде разгледана на владина седница и се надева дека Владата ќе се вразуми и ќе предложи до Собранието сами да го увидат и решат овој проблем.
Во однос на барањето на Народниот правобранител за издавање лични карти по брза линија за оние граѓаните што немаат документ и нема да можат да гласаат на изборите, Тошковски вели оти е одлично.
„Супер е и барањето на Владата за одредени превозници, но бараат и ИТ-инженери и здравствените работници и професори. Сите бараат и јас ги поттикнувам сите да се организираат и да достават барање. Ама фактот е дека МВР има две машини за печатење пасоши“,
вели Тошковски додавајќи дека капацитетот на вработените кои работат на печатење на пасоши е околу 3 000 дневно.