„Секоја една институција којашто е надлежна да се грижи за водоводните системи во рамки на општините е должна да си ги преземе сите оние законски ингеренции што се утврдени во рамки на регулатива и сметам дека доколку секој си ја работи својата работа не би требало да имаме вакви проблеми како што имаме сега“, кажа денеска министерот Панче Тошковски
Тече истрагата во врска со случувањата во гостиварски „Комуналец“, но засега нема детали што може да бидат споделени со јавноста, кажа денеска министерот Панче Тошковски.
Тој вели дека на ова дереџе сме дојдени оти долг временски период наназад ниту се вложувало ниту оние што ги менаџирале институциите се посветувале на решавање на проблемите.
На новинарско прашање за барањата на опозицијата – водоводните системи да ги чува Армијата, министерот кажа дека секој треба да постапува во рамки на своите надлежности.
„Факт е дека секогаш ќе има предизвици пред нас и секогаш ќе треба да најдеме соодветен начин да одговориме. Дали лично сметам дека војската треба да обезбедува водоводни системи – не. Тоа не е работа на Министерството за одбрана и на војската, барем не во мирнодопски услови, така што секоја една институција којашто е надлежна да се грижи за водоводните системи во рамки на општините е должна да си ги преземе сите оние законски ингеренции што се утврдени во рамки на регулатива и сметам дека доколку секој си ја работи својата работа утврдена во рамки на законски и подзаконски рамки, не би требало да имаме вакви проблеми како што имаме сега. А опозицијата наместо да ја зоврива атмосферата и да предизвикува хистерии, би им препорачал да се фокусираат на доброто на граѓаните, ама искрено“,
реше Тошковски.
На прашање за евентуално почесто присуство на полицијата на терен кај водоводните системи, министерот кажа дека тие се максимално на терен.
„Слободно можам да кажам дека посветено и професионално си ја работат работата, барем најголем дел од полициските службеници. Дали треба да се присутни на терен – да, и се присутни на терен. Дали полициските службеници треба да ги обезбедуваат водоводните мрежи низ државата – не, тоа е надлежност на други институции и тие се должни да ги преземат законските надлежности“,
рече Тошковски.
Министерот за внатрешни, кој го предводи Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи, на денешната прес-конференција соопшти дека водата во Гостивар е технички исправна. Тоа значи дека е исчистена од фекалии и може да се користи за бањање и миење садови, но сè уште не е за пиење или готвење.
Во меѓувреме тече одредениот 30-дневен притвор на тројцата раководители на гостиварското комунално претпријатие, осомничени за загадувањето на водата во Гостивар.
Станува збор за вршителката на должност директорка на ЈП „Комуналец“-Гостивар, Артана Асани, техничкиот раководител Леон Мезини и раководителот на Одделението за водовод, Вадедин Даути. Тие се товарат за тешки дела против животната средина и природата, предизвикани со дејствија на загадување на вода за пиење, а казните за ова кривично дело се минимум четири години затвор.
Обвинителството не ја отфрла можноста истрагата да се прошири и на други лица.
