Тоа значи дека водата е исчистена од фекалии и може да се користи за бањање и миење садови, но сè уште не е за пиење или готвење, рекоа надлежните
Со континуиран мониторинг ќе се следи квалитетот на водата сè додека не се потврди дека е исправна за пиење

Водата во Гостивар е прочистена од фекалии и конечно може да се користи како техничка, соопшти денеска министерот Панче Тошковски кој го предводи Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи.
„По повеќекратни испитувања, имаме добиено потврда од страна на експертите дека таа ќе може да се користи како техничка вода, за бањање и сите потреби во рамки на домаќинството, но не и за пиење ниту, пак, за приготвување храна“,
кажа Тошковски на прес-конференција денеска.
Тој посочи дека ќе продолжат да го снабдуваат Гостивар со пакувана вода.
„Им благодарам на гостиварци за разбирањето, како и на експертите кои ги преземаа сите активности во делот на хиперхлорирање и воспоставување апаратура за да дојдеме до фаза да имаме техничка вода, а се надевам за брзо време ќе известиме точно кога ќе дојдеме и до вода за пиење. Се надевам дека за сите одговорни ова ќе биде за памет и еднаш засекогаш понатаму ќе постапуваат максимално професионално и во рамки на законски утврдените надлежности во делот на контрола на квалитетот на водата, заради тоа што со здравјето и безбедноста на граѓаните играње нема“,
рече Тошковски.
Емилија Аневска од скопски „Водовод“ кажа дека деновиве се земени шест примероци во Гостивар од краен потрошувач.
„Кај сите примероци, три дена последователно, е забележано отсуство на колиформни бактерии и поради тоа што е извршено хлорирање со поголема концентрација, кај примероците не е регистрирано присуство на трихалометани над дозволени граници. Резултатите се доставени на кризниот штаб и на Агенцијата за храна и ветеринарство како надлежен орган“,
рече Аневска.
Таа посочи дека во следните денови ќе се зголеми бројот на мерните места и со континуиран мониторинг ќе се следи квалитетот на водата сè додека не се потврди дека е исправна за пиење. Рече дека не може точно да прејудицира кога точно водата би можела да се користи за пиење.
„Јавното претпријатие во Гостивар генерално се соочува со проблем во процесот на вршење дезинфекција. Ќе се обидеме во следните неколку дена да се реши и тој дополнителен проблем. Кога дезинфекцијата ќе биде континуирана и нема да има отстапување од нормалните вредности за да се добие безбедна вода, прво ќе го известиме кризниот штаб, а потоа и граѓаните“,
посочи таа.
Претходно, Управувачкиот комитет констатира дека водата од градскиот водовод е неисправна, по што почна чистење на каптажата од каде што се обезбедува вода за општината, а се постави и систем за дополнително хлорирање на водата во, како што рекоа надлежните, законски утврдени дози.
