Неодамна, според српскиот медиум, сплавот добил несакан публицитет од Специјалниот суд во Белград, од судењето на криминалната група на Вељко Беливук и Марко Миљковиќ, при сведочењето на обвинетиот-соработник Срѓан Лалиќ, озлогласен член на овој клан кој во замена за помала казна се согласи да сведочи против своите поранешни другари
Тонењето на „Фристајлер“ за време на новогодишната забава поради преоптовареност не е прв случај во кој овој белградски сплав се споменува во медиумите во негативен контекст, пишува „Нова.рс“.
Неодамна, според српскиот медиум, сплавот добил несакан публицитет од Специјалниот суд во Белград, од судењето на криминалната група на Вељко Беливук и Марко Миљковиќ, при сведочењето на обвинетиот-соработник Срѓан Лалиќ, озлогласен член на овој клан кој во замена за помала казна се согласи да сведочи против своите поранешни другари.

Додека Лалиќ бил испрашуван од еден од водачите на кланот, Марко Миљковиќ, познат како Касапот, била начната и приказната за трговијата со дрога, по што следувал дијалог меѓу двајцата поранешни челнови на озлогласената криминална група.
„Во кои клубови се продаваше дрога“,
прашал Миљковиќ.
„Фристајлер, Порт, Готик темперамент, Лафајет“,
одговорил Лалиќ.
Неговото сведочење обвинителството го оценува како веродостојно кога станува збор за убиства и киднапирања, но се чини дека не и кога се работи за шверц на дрога, бидејќи не се знае дали имало реакција од полицијата или обвинителството или некој да ги истражи наводите на Лалиќ и да се провери потемелно што сè се случувало на тој спплав, коментира „Нова.рс“.

„Тоа и онака беше јавна тајна, а по сведочењето на Лалиќ веќе не е тајна“,
наведува медиумот.
Според телевизијата, белградскиот сплав „Фристајлер“ бил место на сериозна рација од полицијата во февруари 2021 година, веднаш по апсењето на групата Беливук-Миљковиќ.

Потоа, на 24 февруари, тим од специјални агенти и инспектори упаднаа во овој сплав и темелно го претресоа. Тогаш српските медиуми, повикувајќи се на извори од истрагата, објавија дека постојат оперативни податоци дека на сплавот, како и во коритото на реката Сава, може да има фрлено оружје, кое се користело во ликвидации и други криминални дејствија, како и можност за сторени кривични дела на самиот сплав.
Сепак, полицијата не пронашла ништо на сплавот, ниту оружје, ниту дрога, а клубот продолжил да работи.
Инаку, новогодишното тонење, според „Нова.рс“ не е прв случај во кој „Фристајлерот“ е оштетен. Кон крајот на февруари 2017 година непознати лица со чамец дошле до „Фристајлер“ и го запалиле.
Сплавот речиси целосно изгорел, но подоцна бил повторно изграден. Интересно е што истата вечер бил фрлен „молотов“ коктел кон друг ресторан од ваков тип, сплавот „Тилт“, кој се наоѓа на другиот брег на Сава.
Симптоматично е и тоа што „Тилт“ во тој период го обезбедувале луѓе блиски до Беливук.
Во декември 2015 година, гостинот Слободан Вукиќ бил смртно повреден пред сплавот, откако добил удари во главата и стомакот од обезбедувачот на објектот Милован Тадиќ, соработник на Вељко Беливук. Вукиќ починал во болница две недели подоцна.

Во 2013 година пред „Фристајлерот“ се случила престрелка во која биле ранети три лица, меѓу кои и двајца обезбедувачи. Двајцата ранети обезбедувачи, како што наведува српската телевизија, и се добро познати на јавноста и на полицијата.
Двајцата се блиски навивачи на ФК „Партизан“, едниот е Раде Петровиќ, другиот Дарко Ристиќ, познат по прекарот „Меда“. Иако навивачите на клубот биле во спротивставени фракции, Раде Петровиќ во меѓувреме бил избркан од трибината и наводно ја напуштил државата. Тој е актерот на вознемирувачкото видео на Јутјуб во кое седи опкружен со Веља Невоља, Марко Миљковиќ и нивните „војници“ и ветува дека никогаш повеќе нема да дојде на стадион, а таа порака е упатена до Милош Радисављевиќ-Кими, лидерот на фракцијата „Партизановци“.
Дарко Ристиќ- Меда се појавува и во уште неколку видеа со насилна содржина на Јутјуб.
Српските медиуми денеска објавуваат нови детали поврзани со локалот, меѓу кои и за цените за дочекот на Новата година. Според информациите на порталот „Нова.рс“, кои ги пренесуваат и други српски медиуми, само влезот за новогодишната ноќ се плаќал 25 евра, а за пијачки се плаќало кој колку ќе испие.
Белградскиот сплав „Фристајлер“ до половина потона за време на новогодишната ноќ. Очевидци на драмата што се случила во популарниот клуб велат дека водата почнала да надоаѓа десет минути по полноќ, но дека на почетокот не разбрале што се случува. Кога сплавот се навалил, почнала паниката и стампедото кон излезот.
Градоначалникот на Белград, Александар Шапиќ, во првичната изјава вчера посочи дека според првичните информации причината за потонувањето е што на сплавот имало два до три пати повеќе луѓе од дозволеното. Денеска, медиумите во Србија објавија и неофицијални бројки дека сплавот бил регистриран за 220 лица, а се претпоставува дека на новогодишната ноќ имало најмалку 400, а можеби дури и 600 луѓе.