Според опозициската партија, во краток период биле донесени повеќе документи што не се согласувале еден со друг и тоа предизвикало проблем. Оттаму додаваат „Владата во обид да си направи свој нов бонбона-бизнис од 100 милиони евра дополнително се заплетка“
Откако грчката компанија „Архиродон“ не одлучи да стави потпис на договорот за изградба на реверзибилната хидроцентрала „Чебрен“, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека тендерот за овој проект, 14. по ред во последните две децении, пропадна поради пропусти и немање капацитет ниту знаење од Владата за капитални проекти.

Од партијата денеска преку писмено соопштение посочија дека нејзиниот лидер Христијан Мицкоски уште пред еден месец отворено предупредуваше за пропусти во постапката за реализација на проектот „Чебрен“.
„Алармиравме дека Владата неколкупати ги менувала одлуките поврзани со изградбата на хидроцентралата ‘Чебрен’, со што создаде сложена ситуација и потенцијално голем проблем во иднина. Тогаш СДСМ тврдеше дека нападите се малициозни и невистинити. Месец дена подоцна проектот пропадна“,
се наведува во соопштението на најголемата опозициска партија.
Во него тие ги наведуваат и причините за ваквиот исход, почнувајќи со одлуката за отпочнување на постапката која на 24 декември 2019 година ја донела Владата, тогаш предводена од Зоран Заев, според која, како што се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, на компанијата што ќе го добие тендерот ќе ѝ биде отстапена и хидроцентралата „Тиквеш“, три месеци откако ќе почне изградбата.
„По кратко време власта ја презема техничката влада предводена од Оливер Спасовски, која носи нова одлука на 4 февруари 2020, со која се бришат сите овие обврски наведени во првичната одлука. А две недели подоцна е објавен и јавниот повик, и во него избришаните обврски повторно се појавуваат. Ситуацијата дополнително се комплицирала со тоа што во меѓувреме е објавен повикот за компаниите да учествуваат во претквалификацијата, во кој се вели дека победничката компанија ќе ја добие ХЕЦ ‘Тиквеш’ три месеци откако ХЕЦ ‘Чебрен’ ќе почне со работа, односно ќе биде завршена градбата. Тоа е голема разлика бидејќи ако од прилика таа градба трае шест години, а ХЕЦ ‘Тиквеш’ произведува отприлика 140-150 илјади мегават часови, пазарната цена е некаде околу 120 евра за мегават час, но таа е пикова енергија и е уште поскапа. Но, еве да речеме 120 евра мегават час, помножено со шест години ние добиваме сума од 100 милиони евра“,
велат од партијата.
Според опозициската партија, во краток период биле донесени повеќе документи што не се согласувале еден со друг и тоа предизвикало проблем.
„Конфузијата продолжила и понатаму во постапката, па така на 14 септември минатата година сегашната влада ја избира групата ‘ППЦ – Архиродон’, односно грчкото електростопанство, како најповолен понудувач, повикувајќи се на одлуките пред три и пол години во кои ХЕЦ ‘Тиквеш’ еднаш се дава три месеци по почетокот на градбата, а вториот пат се брише“,
додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму наведуваат „Владата во обид да си направи свој нов бонбона бизнис од 100 милиони евра дополнително се заплетка“.
„Затоа поради овој криминал и неспособност никогаш не се живеело полошо. Важно е да ги поразиме!“,
порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Грчката компанија „Архиродон“ на 14 септември минатата година беше избрана за најповолен понудувач на 14. тендер за изградба на хидроцентралата. Но, подоцна од компанијата излегоа со забелешки на јавниот повик и до крајот на 2023 година требаше да одлучат дали ќе се продолжи со проектот.
Првично одлуката за тоа требаше да ја донесе до 14 декември, но Министерството за животна средина и просторно планирање го продолжи рокот до 31 декември поради жалбената постапка која беше во тек.

Грчката компанија „Архиродон“ поднесе и жалба поради тоа што условите во тендерот биле поинакви од оние што се донеле со одлука на Владата и бараа измени.
Со истекот на рокот до кој фирмата требаше да одлучи одлука дали ќе ја продолжи или не постапката за изградба на реверизибилната хидроцентрала „Чебрен“, повеќе од извесно е дека ќе пропадне и 14. обид за изградба на хидроцентралата на Црна Река.
Како што објави ТВ Телма, повикувајќи се на свои извори, по налог на министерката Шукова вчера бил формиран тим од правници кои веќе работеле на проектот. Тие имаат задача да ја разгледаат комплетната документација за тендерот и најдоцна до денеска да донесат препораки кои треба да бидат следните чекори на надлежните институции во земјава. Оваа препорака потоа министерката Шукова ќе ја достави до Владата.