По налог на министерката Шукова, според информации на ТВ Телма, денеска бил формиран тим од правници кои веќе работеле на проектот. Тие имаат задача да ја разгледаат комплетната документација за тендерот и најдоцна до утре да донесат препораки кои треба да бидат следните чекори на надлежните институции во земјава. Оваа препорака потоа министерката ќе ја достави до Владата
Истече рокот до кој грчката компанија „Архиродон“ требаше да донесе одлука дали ќе ја продолжи или не постапката за изградба на реверизибилната хидроцентрала „Чебрен“.

Грчката компанија на 14 септември минатата година беше избрана за најповолен понудувач на 14. тендер за изградба на хидроцентралата. Но, подоцна од компанијата излегоа со забелешки на јавниот повик и до крајот на 2023 година требаше да одлучат дали ќе се продолжи со проектот.
Првично одлуката за тоа требаше да ја донесе до 14 декември, но Министерството за животна средина и просторно планирање го продолжи рокот до 31 декември поради жалбената постапка која беше во тек.
Каде заглави тендерот
Грчката компанија „Архиродон“ поднесе и жалба поради тоа што условите во тендерот биле поинакви од оние што се донеле со одлука на Владата и бараа измени.
Со истекот на рокот, сè поизвесно станува дека ќе пропадне и 14. обид за изградба на хидроцентралата на Црна Река.
„Од грчката компанија ‘Архиродон’ се жалеа на содржината на одлуката бидејќи согласно Законот за води прво мора да добиете дозвола за води, а потоа да се потпише договор за концесија. Тие сметаат дека треба прво да се потпише договор за концесија, а потоа постапката да продолжи понатаму“,
изјави кон средината на декември министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова.

Во случајот, додаде таа тогаш, Законот за води е „лекс специјалис“ во однос на Законот за јавни набавки и Законот за концесии.
„Ние ќе се држиме на она што го регулираат нашите закони и ќе биде информирана компанијата. Нивната банкарска гаранција е до крајот на 2023 година и ако ја продолжат, ќе значи дека ќе продолжи процесот, ако не се продолжи банкарската гаранција, автоматски ќе се прекине процесот“,
рече Шукова.
И премиерот Димитар Ковачевски неодамна порача дека на грчката компанија „Архиродон“ е да одлучи дали ќе продолжи со постапката или не.
По налог на министерката Шукова, според информации на ТВ Телма, денеска бил формиран тим од правници кои веќе работеле на проектот. Тие имаат задача да ја разгледаат комплетната документација за тендерот и најдоцна до утре да донесат препораки кои треба да бидат следните чекори на надлежните институции во земјава. Оваа препорака потоа министерката Шукова ќе ја достави до Владата.

Претходно не се потпиша ниту договор со грчката фирма за формирање заедничко тело со АД „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) за вложување и да се формира заедничка компанија која треба да продолжи со реализација на овој проект.
Инаку, против грчката компанија да го гради „Чебрен“ се изјасни голем дел од експертската јавност. Според неа, тоа треба да го направи државата. Здружението на инженери излезе со став дека државата има капацитет да го изгради овој капитален проект и со тоа парите нема да се одлеат во странска фирма. Од овие причини, од Здружението поднесоа претставки до неколку институции и до претседателот на државата Стево Пендаровски.
Каква одлука донесе Владата
Владата на 14 септември на 185. седница донесе одлука со која се овозможи реализација проектот на хидроцентралата „Чебрен“, со проценета вредност на инвестицијата од околу една милијарда евра. Со одлуката е предвидена изградба на реверзибилна хидроцентрала со инсталиран капацитет од најмалку 333 мегавати. Предвидено е „Чебрен“ да има функција на производство на електрична енергија, како и режим на пумпање и враќање на водата назад, со што на Црна Река е предвидено создавање на ново вештачко езеро.

Според извештајот на комисијата за спроведување на постапката за доделување на концесијата, компанијата „Архиродон“ е избрана за најповолна, со оглед на тоа што понудувачот ги исполнил условите содржани во јавниот повик и тендерската документација и доставил најповолна понуда.
„Според донесената Одлука, избраниот понудувач има обврска во рок од три месеци да го склучи Договорот за заедничко вложување и да основаат акционерско друштво со АД ЕСМ, во кое што АД ЕСМ учествува со 33 отсто од акционерскиот капитал. Регистрираното друштво е должно во согласност со одредбите на Законот за водите, а пред потпишување на договорот за концесија, да обезбеди дозвола за користење на водата“,
посочија тогаш од Владата.
Според тендерот, обврска на инвеститорот е целосно да ја финансира и реализира изградбата на „Чебрен“ и „Орлов камен“, додека АД ЕСМ како партнер со задолжение од Владата ќе учествува со изградба на пристапен пат, изградба на приклучок на мрежа, експропријација на земјиште и студија за животна средина, како и со вложување на ХЕЦ „Тиквеш“ во заедничката компанија.
Градежните работи треба да почнат по завршување на проектирањето и обезбедувањето на потребните документи, а предвидено беше изградбата да трае седум години, а концесијата за води е со рок од 60 години.
Инаку, идејата и проектирањето за големиот хидроенергетскиот проект „Чебрен“ започнува со првите физибилити студии во 1960-тите години од минатиот век. Досега имало 13 неуспешни тендери во период од последните 20 години, а последниот јавен повик, пред тековниот, беше објавен во 2016 година.