Од владејачката партија појаснуваат дека ХЕЦ „Тиквеш“ ќе влезе во заедничката компанија три месеци откако ХЕЦ „Чебрен“ ќе почне со работа, со што ќе се заштедат 100 милиони евра
Од владејачкиот СДСМ ги отфрлаат како невистинити тврдењата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека Владата неколкупати ги менувала одлуките поврзани со изградбата на хидроцентралата „Чебрен“, со што создала сложена ситуација и потенцијално голем проблем во иднина. Од партијата, освен писмената реакција, денеска до медиумите доставија и докази и документи во кои, како што велат, се гледаат невистините.
„Не е точно дека е избришан член во Одлуката за започнување на постапка за доделување концесија. Вистината е дека во членот 5 од Одлуката за изменување, избришан е само ставот 3, каде што се доделува ‘Тиквеш’ три месеци по добивање на одобрението. Но, останува ставот 2 како правен основ. Оттука, она што го говори Мицкоски веднаш паѓа во вода“,
се вели во писмената реакција што денеска ја испратија од СДСМ.
Оттаму велат дека скандал е тоа што владата на Никола Груевски и ДПМНЕ во 2013 година го доделила „Тиквеш“ на приватниот инвеститор токму три месеци по добивање на одобрението за градба на ХЕЦ „Чебрен“.
„СДСМ токму со таа интервенција го внесува ‘Тиквеш’ во заедничка компанија три месеци по пуштање во работа на ХЕЦ ‘Чебрен’. Тоа е суштинска и огромна разлика. На овој начин владата на СДСМ заштедува 100 милиони евра, пари на граѓаните“,
се додава во реакцијата.
Од СДСМ велат дека токму владата на ДПМНЕ и Никола Груевски, на кого Мицкоски му беше советник за енергетика, 100 милиони евра сакала да му поклони на приватниот инвеститор, што, како што велат во реакцијата, е директно на штета на државниот интерес и на интересот на граѓаните која што СДСМ ја има спречено.
„Добро е што Мицкоски индиректно го признава ова, но очекуваме да се извини на граѓаните и да ја каже вистината таква каква што реално е. Впрочем за сето ова постојат докази и документи“,
додаваат од СДСМ.
Во реакцијата се вели дека ВМРО-ДПМНЕ 11 пати има објавувано тендери за „Чебрен“, но тие не биле успешни. Од партијата на власт велат дека токму тие направи успешна постапка со што овој огромен и значаен проект вреден преку една милијарда евра ќе се реализира, а ЕСМ, како што додаваат оттаму, ќе биде сопственик од 33 отсто со што парите за инвестицијата треба да ги обезбеди во целост приватниот партнер.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен директор на државните електрани, Христијан Мицкоски, во интервју за „Република“ вели дека Владата неколкупати ги менувала одлуките поврзани со изградбата на хидроцентралата „Чебрен“, со што создала сложена ситуација и потенцијално голем проблем во иднина. Според него, целиот процес изобилува со многу пропусти, поставен е на лоша основа и е воден погрешно поради што понатаму ќе има сè повеќе пропусти.