Доколку има поднесено приговори, Државната изборна комисија (ДИК) би ги разгледала во вторник или среда, а објавувањето на конечните резултати ќе зависи од тоа како ќе се решат и дали ќе има тужби до Управниот суд
Течат роковите за поднесување приговори за изборите за градоначалник на Центар Жупа и на Маврово-Ростуше и за членови во Советот на Општина Тетово.
Доколку има поднесено приговори, Државната изборна комисија (ДИК) би ги разгледала во вторник или среда, а објавувањето на конечните резултати ќе зависи од тоа како ќе се решат и дали ќе има тужби до Управниот суд.
Доцна вечерта по изборите во саботата Државната изборна комисија ги соопшти првичните резултати, според кои, во Центар Жупа за единствениот кандидат Аријан Ибраим од ДПТМ гласале 3 340 од вкупно 3 395 гласачи. Во Маврово-Ростуше, пак, кандидатот на СДСМ, Медат Кутровски, освоил 3 266 гласа, а Мевмед Џафери од ВМРО-ДПМНЕ 1 935 гласа.
Во Советот на Општина Тетово, според првичните резултати што ги објави ДИК, најмногу мандати има освоено БЕСА, вкупно 12, по што следуваат ДУИ со 11 мандати, ВМРО-ДПМНЕ со четири мандати и СДСМ со два мандата. По еден мандат во Советот на Општина Тетово имаат освоено Алтернатива и ДПА.
По изборите во саботата, коалицијата предводена од СДСМ славеше за двојна победа на вонредните локални избори за градоначалник во општините Маврово-Ростуше и Центар Жупа, додека, пак, ВМРО-ДПМНЕ славеше за, како што ја претставија, двојна победа во Тетово, односно дека тие го победиле СДСМ, а БЕСА ја победила ДУИ во Тетово.
Според СДСМ, граѓаните избрале напредок и ги препознале вистинските политики. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, кои славеа во Тетово, побараа оставка од премиерот Ковачевски и предвремени избори.
Поради изборниот неуспех во Тетово и неосвојувањето на ниту еден советнички мандат, вчера лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села поднесе неотповиклива оставка.
По состанокот на највисокото раководство во Тетово, Села на прес-конференција најави дека повеќе нема да се кандидира за лидерското место во партијата. Тој информираше дека во периодот што следува, Централното собрание треба да заседава и да одлучи кој ќе биде в.д. претседател на партијата.