„Наместо со факти да демантира, тој не дојде на суд да каже дека моите тврдења душевно го повредиле и дека претрпел душевна болка. Љупчо, остави ја душевната болка на страна. Ти си политичар. Ако толку лесно душата ти е повредена, повлечи се од политиката. А ако сепак остануваш, тогаш дај факти дека на Заеви не си им дал 1,4 милиони евра“, кажа партискиот портпарол по денешното рочиште
Ексминистерот за земјоделство, шумарство и водостопанство и поранешен вицепремиер за борба против корупцијата, Љупчо Николовски, побара од мене извинување затоа што моите изјави изнесени на прес-конференции, му нанеле душевна болка и биле неточни. Ова денеска го соопшти портпаролот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, по судскиот процес, во кој е тужен поради изјавите што се однесуваат за кусокот на жито од Агенцијата за стокови резерви и на доделувањето грант од 1,4 милиони евра од ИПАРД-програмата на фирмата „Тргопродукт“, позната со брендот „Мамас“.

Манасиевски, во изјава за медиумите по судското рочиште, вели дека Николовски денеска не се појавил во судницата.
„Не дојдоа на суд со факти против фактите што беа изнесени на прес-конференција, а тоа е дека додека тој е министер во Владата и вицепремиер на Заев, имало кусок од 2 000 тони жито од стоковите резерви, а потоа е набавена скапа пченица за стоковите резерви и за тоа дека како член на владата било дадено 1,4 милиони евра на фирмата на Заеви под име ‘Тргопродукт’“,
вели Манасиевски.
Очекувал на денешното рочиште Николовски со факти да ги побие неговите тврдења.
„Наместо со факти да демантира, тој не дојде на суд да каже дека моите тврдења душевно го повредиле и дека претрпел душевна болка. Љупчо, остави ја душевната болка на страна. Ти си политичар. Ако толку лесно душата ти е повредена, повлечи се од политиката. А ако сепак остануваш, тогаш дај факти дека на Заеви не си им дал 1,4 милиони евра“,
вели портпаролот на владејачката партија.
Го оспорува вештачењето што Николовски го доставил во рамки на постапката, кое, како што наведе, се однесува на неговото душевно страдање, психичка болка и нарушување на честа и угледот. Манасиевски изнесе и тврдења за партиска поврзаност на вештакот психијатар Стојан Бајрактаров со Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), повикувајќи се на негово членство и донации кон партијата.
„Во тужбата што ја упатува кон мене, направил Вешт наод и мислење за душевно страдање, психичка болка и нарушување на честа и угледот кај него, односно кај лицето Љупчо Николовски, изготвен од страна на проф. д-р Стојан Бајрактаров, доктор специјалист психијатар, лиценциран судски вештак со лиценца. Зошто ова го говорам? Затоа што има индиции дека тој негов наод, изготвен од овој човек овде на сликата доле, проф. д-р Стојан Бајрактаров, кој имено бил член на СДС, а исто така и повеќе пати бил донатор на партијата. Значи, докторот кој го прави вештиот наод дека лицето Љупчо Николовски бил душевно болен односно страдал од моите прес-конференции, повеќе пати бил донатор на партијата СДС“,
кажа Манасиевски.
Во продолжение на изјавата упати критики до Николовски поради неговото барање за надомест за душевна болка, при што постави прашања и за неговите активности додека бил на јавни функции.
„Господинот Николовски вели дека моите прес-конференции предизвикале душевна болка и страдање кај него. Би сакал да го прашам зошто не земал боледување за истото или, пак, да се повлече од политиката“,
вели тој.
Потоа постави прашања за имотната состојба на Николовски, односно дали поседува дуплекс стан од околу 180 квадратни метри во „Дајмонд мол“ и, доколку информацијата е точна, од каде се обезбедени средствата за негово купување и уредување и зошто, како што тврди, станот не бил наведен во имотниот лист.
Манасиевски изнесе и тврдења добиени, како што рече, од свиркачи, дека Николовски додека бил на висока владина функција ги користел службените возила на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) за патувања од Скопје до Крива Паланка и назад, наводно неколку пати месечно, за да се шиша кај негов пријател.
Во продолжение, тој се осврна на работењето на компанијата „Лариком шпед“, за која тврди дека е во сопственост на братот на Николовски, Илија Николовски.
Манасиевски праша дали е точна информацијата дека приходите на фирмата значително се зголемиле во периодот кога Љупчо Николовски бил министер.
Според податоците што ги презентираше Манасиевски, „Лариком шпед“ во 2018 година имала приходи од 4,3 милиони денари, додека во 2019 година тие изнесувале 14,9 милиони денари. Тој наведе и дека нето-добивката на компанијата од околу половина милион денари се зголемила на повеќе од шест милиони денари.
„Мене ме интересира и би сакал да дознаам од господинот Николовски, како брат на вицепремиер добива зголемување од над 1 100 отсто за само една година без некој да има влијание врз истото“,
вели портпаролот.
Манасиевски повторно побара одговори и за грантот од 1,4 милиони евра од ИПАРД-програмата за „Тргопродукт“, компанијата поврзана со брендот „Мамас“. Тој праша дали доделувањето на грантот е поврзано со наводното отпишување на 2 000 тони жито од стоковите резерви.
„Го повикувам и Јавното обвинителство да испита и да истражи што се случило со житото, зошто е отпишано и зошто, за да се пополни дупката во стоковите резерви, е купено жито по цена повисока од онаа на берзите“,
кажа Манасиевски.
Најави оти очекува Николовски да одговори на прашањата на следното судско рочиште.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ во декември минаата година соопштија дека компанијата „Тргопродукт“, препознатлива под брендот „Мамас“, а во сопственост на семејството на експремиерот Зоран Заев, во 2022 година добила грант вреден 1,4 милиони евра од ИПАРД-програмата.
Во тој момент, како што велат од партијата, добиениот грант бил втор најголем во историјата откако се работи со ИПАРД-програмата, со вредност од близу 87 милиони денари или 1,4 милиони евра.
На прес-конференција, Манасиевски побара од Николовски да даде одговори дали грантот за фирмата „Тргопродукт“, вреден 1,4 милиони евра, од ИПАРД-програмата, е подарок за Заев и Филипче затоа што му потпишале отпис на 2 000 тони жито од стоковите резерви на државата за да може во 2022 година да направи набавка на 20 000 тони жито поскапо за 1,3 милиони евра.
